И Сања Лукаревска поднесе оставка на функцијата во СДСМ


Сања Лукаревска

 

Високите функционери на СДСМ еден по еден поднесуваат оставки на нивните места во мартиските структури. Последна тоа го направи заменик-претседателката Сања Лукаревска.

Во своето обраќање преку Фејсбук Лукаревска рече дека таа не сака да биде исклучок и дека мора искрено да се однесува спрема исклучително лошите резултати на изборите.

„СДСМ секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста. Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.

На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.

Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане. На Македонија и е потребен СДСМ. Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви“, напиша Лукаревска.

Досега оставки поднесоа потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, и Јована Тренчевска која беше на чело на Форумот на жени на СДСМ.