И најмалите во Берово научија како да спречат пожари


Во саботата, на плоштадот во Берово се одржа едукативно-информативен настан под мотото:
„Огнот не простува – а шумата е живот“, со цел подигнување на јавната свест за значењето и заштитата на шумите, како и за важноста од превенција и навремена реакција при шумски пожари.

Со настанот беше испратена јасна и силна порака:„Обучени и опремени професионалци на терен ни требаат за гаснење, свесни граѓани и најмлади со вистински вредности ни требаат за одговорно живеење – но законски измени и системски решенија се клучни за спречување на шумските пожари во иднина.“

Настанот се одржа токму додека на планината Готен беснееше повеќедневен пожар, кој опожари огромна шумска површина и се заканува да ги зафати блиските населени места. Тоа беше дополнителен повод да се испрати повик за мобилизација и заедничка акција – за поддршка во гаснењето, но и во спречување на понатамошно ширење на огнената стихија.

Настанот го отвори Дина Муцунска од Еко-зелено движење, Берово, која со страст и загриженост зборуваше за опасностите од пожарите, улогата на човечкиот фактор, илегалната сеча и итната потреба од пошумување. Нејзината порака беше недвосмислена: „Шумите се наш најголем сојузник во борбата со климатските промени. Малешевијата веќе трпи последици. Ако не делуваме сега – утре ќе биде доцна.“

Градоначалникот на Берово, г. Ѕвонко Пекевски, ја потенцираше важноста на солидарноста и локалната вклученост: „Секој од нас може да биде дел од решението. Пожарите не прашуваат – тие бараат заеднички одговор.“

Претставници од ТППЕ Берово ја пренесоа суровата реалност од теренот – борбата со огнот, ризикот, храброста, заморот…. Нивните зборови и искуства беа сведоштво кое никого не оставија рамнодушен.

Шумите се повеќе од дрвја

Војо Соколовски од Националното здружение на приватни шуми зборуваше со длабока загриженост: „Шумите не се само дрвја – тие се белите дробови на земјата, засолниште за животот, извор на вода, храна и воздух. Без нив – нема ништо.“

Граѓанска акција – сила во прва линија

Доброволното противпожарно друштво од Пехчево ја сподели својата инспиративна приказна за основање, обука и дејствување. Нивниот пример служеше како повик до Берово – повторно да се активира локалното доброволно друштво, бидејќи: „Секој обучен и опремен човек е додатна сила на страната на шумата и животот, особено во руралните и планинските средини.“

Системски решенија за одржлива заштита

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени повика на конкретни и итни законски измени:

Забрана за сеча и стопанисување со дрва на опожарени подрачја
Забрана за трансформација на опожарено земјиште во градежно
Строги казни за подметнувачите на пожари
„Само вака ќе ставиме крај на пожарите подметнати од алчност – и ќе ја зачуваме природата за генерациите што доаѓаат.“

Чин на сеќавање и обврска

Во знак на сеќавање на настанот, но и како жив симбол на обврска кон природата, беше засадено дрво на плоштадот во Берово. Тоа дрво ќе расте заедно со пораката што ја оставивме – дека ова не е само еден ден, туку почеток на нова свест.

„Јас не палам“ – лична заложба

Присутните граѓани симболично се потпишаа на декларацијата „Јас не палам“, изразувајќи лична и јавна заложба за заедничкото добро, која ќе биде потсетник на колективната одговорност што ја носиме сите.

Децата – чувари на иднината

Посебен момент беше учеството на децата од градинката „23 Август“. Нивните цртежи, стихови и пораки беа гласни и јасни: „Шумата е живот. Не ја палете. Чувајте ја.“

За своето учество, секое дете доби сертификат и симболичен подарок – мало дрвце што ќе го засади со семејството, со мотото „Посади љубов, расти одговорност“.
Овие дрвца се семето на нашата иднина.

Организатори и партнери

Настанот беше организиран од Еко-зелено движење – Берово и Центарот за климатски промени, со поддршка од:

Општина Берово
ТППЕ Берово
Подрачно одделение на ДЗС Берово
ЈП Национални шуми / Шумска полиција
НЗ Приватни шуми
ДПД Пехчево
Локалната градинка „23 Август“ – Берово
Настанот се реализираше во рамки на проектот: „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда за Западен Балкан на локално ниво“, финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со поддршка од Владата на Швајцарија.