И „Мудис“ најави намалување на кредитниот рејтинг на САД


 

Потенцијалното „исклучување“ на американската влада би му наштетило на кредитниот рејтинг на САД, предупреди рејтинг агенцијата „Мудис“. Предупредувањето дојде еден месец откако „Фич“ го намали рејтингот на САД за еден степен поради кризата за усогласување на плафонот на долгот.

Доколку Конгресот не обезбеди средства за фискалната година која започнува на 1 октомври, односно доколку дотогаш републиканците и демократите не гласаат за буџетот, услугите на американската влада би биле нарушени, а стотици илјади федерални вработени би остануваат без плата, пренесува Ројтерс.

Евентуалниот прекин на работата би бил дополнителен доказ дека политичката поларизација во Вашингтон го ослабува водењето на фискалната политика во време на зголемен притисок врз достапноста на државниот долг на САД поради повисоките каматни стапки, оценува „Мудис“. Агенцијата посочи дека тоа може да доведе до намалување на кредитниот рејтинг на САД, кој го одржува на максимално ниво ААА.

Националниот економски совет на американскиот претседател Џо Бајден оцени дека предупредувањето на „Мудис“ ги истакнува ризиците предизвикани од настаните во Конгресот. Според таа проценка, затворањето на владата за кое се обвинуваат републиканците ќе создаде непотребни ризици за американската економија и ќе доведе до нарушување во заедниците и семејствата низ целата земја.

Американското Министерство за финансии соопшти дека извештајот на „Мудис“ дава дополнителни докази дека затворањето може да го поткопа моменталниот економски моментум во време кога инфлацијата и невработеноста паднаа под четири проценти.

„Мудис“ наведува дека економското влијание на затворањето најверојатно ќе биде ограничено и краткотрајно, а најдиректниот ефект доаѓа од пониските државни трошоци. Затворањето на владата нема да влијае на отплатата на државниот долг. Претходниот политички конфликт околу поставувањето на горната граница на американскиот долг се закануваше да предизвика неисполнување на државниот долг на САД.

Таа криза, иако на крајот беше решена пред какви било пропуштени исплати на долгот, беше главен фактор што го натера „Фич“ да го намали рејтингот на САД минатиот месец. „Мудис“ е последната од трите големи агенции што го задржаа максималниот кредитен рејтинг на САД. S&P Global претходно го намали рејтингот на САД на АА+.

Конгресот досега не успеа да усвои буџет за трошење за финансирање на програмите на федералните агенции кои започнуваат на 1 октомври, поради несогласувањата меѓу демократите и републиканците, како и несогласувањата во самата Републиканска партија.