И јавниот обвинител на Германија почна истрага за воени злосторства во Украина


Нападите врз цивили може исто така да се означат како воени злосторства и да се казнат: ракетирана зграда во Киев (Фото: ДПА)

 

Јавниот обвинител на Германија сега истражува и можни руски воени злосторства во Украина. Ова иницираше таканаречена структурна истрага, вели сојузниот министер за правда Марко Бушман (ФДП) за весникот „Пасауер ноје пресе“. Според информациите на Германската прес агенција, властите во Карлсруе имаат конкретни докази дека веќе се извршени воени злосторства. Причина за постапката се извештаите за напади врз станбени згради, болници и цивилна инфраструктура и употреба на касетни бомби. Се вели дека инспекторите стравуваат и оти ќе има уште кривични дела.

Во структурната истражна постапка првиот чекор е да се обезбедат што е можно повеќе докази без конкретни осомничени. Овие информации подоцна ќе се користат за кривично да одговараат поединци. Бегалците се важен извор, бидејќи илјадници од нив сега доаѓаат од Украина. Овие информации подоцна би можеле да доведат до кривични истраги против поединци и доведување на одговорните пред лицето на правдата.

Поради таканаречениот принцип на универзална јурисдикција во меѓународното кривично право, Сојузниот јавен обвинител може да истражува злосторства против човештвото и воени злосторства – дури и ако се извршени надвор од Германија. На пример, во моментов во Франкфурт му се суди на сириски лекар, за кој, меѓу другото, се вели дека мачел затвореници во Сирија.

Државниот обвинител, исто така, во моментов добива голем број кривични пријави за војната во Украина. Многумина бараат рускиот претседател Владимир Путин да биде повикан на одговорност. Меѓутоа, во Германија тоа е практично невозможно, бидејќи претседателот Путин таму ужива имунитет. Меѓународниот кривичен законик ги казнува и „злосторствата на агресија“. Меѓутоа, гонењето од страна на Сојузниот јавен обвинител би било можно само доколку Германец води агресивна војна или доколку самата Германија била нападната.