И Јачева-Улчар против заедничката резолуција за јазикот со Бугарија

„Јас сакам да верувам во разумот, во прогресивноста на Софија, тоа се тешки одлуки, но затоа сите сме избрани да носиме тешки одлуки“, рече министерот Муцунски за предлогот на премиерот


И професорката Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисрков“ гледа стапица во предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за предлагање заедничка декларација за македонскиот јазик во Европскиот парламент. 

„Иницијативата за усвојување заедничка резолуција во Европскиот парламент со цел потврдување на македонскиот идентитет и јазик – според мене, само на прв поглед изгледа како прагматичен и умерен обид за надминување на блокадата со Бугарија. Ако се задлабочиме, ќе мора да се признае дека оваа стратегија носи значителни ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа што веќе ни е поставена и со Договорот за добрососедство и со францускиот предлог“, пишува д-р Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Претходно Катица Ќулавкова, член на МАНУ, остро го нападна предлогот на премиерот  Мицкоски, а потоа разработен од пратеникот Антонио Милошоски, Македонија преку бугарските пратеници во Европскиот парламент да да поднесе резолуција во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“. Ќулавкова, која е позната по застапувањето на ставовите од националниот спектар во општеството, го оцени ова како „руски рулет“ за Македонија, бидејќи македонскиот јазик е веќе признат факт во науката, политиката и културата.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска изрази уверување дека предлогот за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент, со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик е стигнат и сега Софија е на потег, како што рече, да застане на страната на прогресот, што не е само наш, туку и европски интерес.

„Уверен сум дека предлогот е стигнат, имајќи предвид дека се дава една таква изјава на претседател на Владата, за такво прашање, кое ги засега граѓаните… Сметам дека во Бугарија имаат можност да покаже зрелост и капацитетност да оди напред, кон предизвиците од 21. век. Ние секогаш повикуваме на дијалог, на разум во меѓусебните билатерални односи, бидејќи иднината треба да биде споделена, ние сме две соседни земји кои имаат многу што треба да прават заедно, насочено кон подобар живот за нашите граѓани. Една таква позитивна иницијатива се актуелните случувања, поврзани со Коридорот 8, политичко-безбедносен коридор, но и трговски, кој ќе донесе бенефит за нас, за целиот регион, но и за европската стабилност“, рече Муцунски.

Тој нагласи дека кога се има заедничка волја се постигнуваат резултати и изрази жалење поради тоа што политичкиот дискурс во Бугарија е заглавен во 19. век.

„Прифаќањето на гестот на премиерот не е поврзано со фактот, односно со прашањето дали ние веруваме во многувековноста на нашата историја, нашиот идентитет или нашиот јазик. Сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да тие се ноторни факти, кои што постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед и покај сите овие непобитни факти ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претставува не само ризик, туку и пречка. И што велиме ние, која е иницијативата на премиерот, дајте да покажеме гест, знак, иницијатива за да ја елиминираме таа пречка и затоа во моментов Софија е на потег да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе остане заглавена во реториката на 19. век. Јас сакам да верувам во разумот, во прогресивноста на Софија, тоа се тешки одлуки, но затоа сите сме избрани да носиме тешки одлуки. Сега Софија има можност да покаже дали ќе застане на страната на прогресот, што не е само наш туку и европски интерес“, рече Муцунски.

Понудата ја дал премиерот Мицкоски до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада. 

Демократската партија на Бугарија денес реагираше исто така на серијалот од идеи на Мицкоски, оценувајќи дека се апсурдни и опасни тврдењата  дека Бугарија се однесува кон Македонија на начин на кој Русија се однесува кон Украина, а во контекст на македонскиот јазик и идентите.
 
„Ова не е само лажен наратив. Ова е очигледна манипулација што ги задоволува внатрешнополитичките стравови и антиевропските комплекси. Вистината е многу поинаква. Бугарија никогаш не ѝ се заканувала на Северна Македонија. Бугарија отсекогаш помагала“, порачаа од Демократската партија на Бугарија.
 
„Иронијата е уште побрутална кога знаеме дека членовите на најблискиот семеен круг на премиерот Мицковски имаат бугарски пасоши. Тоа не е тајна. Но, сепак, тој продолжува да ја брендира Бугарија – не како земја, туку како страшило. Зошто? За да ги скрие политичките неуспеси. За да го пренасочи фокусот од недостатокот на напредок во европската интеграција. За да се задржи власта со создавање надворешен непријател. Немој. Нема начин да ја споредиме нашата испружена рака со стиснатата тупаница на Кремљ.Бугарија не е агресор. Бугарија е гарант на стабилност, партнер, сосед, сојузник. И ќе продолжи да биде – но никогаш на сметка на сопствената чест, на бугарската историја и на правата на твоите сонародници“, му порачаа на Мицкоски од оваа бугарска партија.