И Еди Рама ја поздрави одлуката на косовската влада за враќање на имтотот на манастирот Дечани


 

Албанскиот премиер Еди Рама ја поздрави денешната одлука на косовската влада за спроведување на одлуката на Уставниот суд на Косово за манастирот Дечани.

„Целосно ја поддржувам одлуката ‘подобро некогаш отколку никогаш’ на Владата на Република Косово за спроведување на одлуката на Уставниот суд за Дечанскиот манастир. Го охрабрувам косовското раководство да продолжи да работи со нашите заеднички клучни сојузници и да покаже дека Република Косово е навистина кредибилен возрасен партнер на евроатлантската заедница“, објави Рама на социјалната мрежа Икс.

Одлуката на косовската влада денеска ја поздрави и високиот американски дипломат Габриел Ескобар. 

„Сакам да напоменам колку е важна денешната одлука за манастирот. Тоа беше тешка, но неопходна одлука и им благодариме на институциите за целата соработка“, изјави Ескобар по средбата со претседателот на Косово, Вјоса Османи.

Владата на Косово на денешната седница наложи имотот да му се врати на манастирот Дечани согласно одлуката на Уставниот суд на Косово.

Одлучено е надлежните институции на Косово да обезбедат спроведување на одлуката на Уставниот суд на Косово од мај 2016 година со која се потврди сопственоста на манастирот Дечани на 24 хектари земјиште.

Заплетот околу имотот на манастирот Високи Дечани започна по Втората светска војна, кога владата конфискуваше 700 хектари земјиште од манастирот.

Во 1997 година, државата Србија вратила само 24 хектари околу манастирот, но општина Дечани не го признава како сопственост на манастирот.

Одлуката дека земјиштето му припаѓа на манастирот Високи Дечани беше донесена во 2012 година, а потоа на 20 мај 2016 година беше потврдена од Уставниот суд на Косово, но одлуката на судот до денес не е спроведена.