И денеска масовни протести во Србија, главниот плоштад во Белград полн со луѓе


Еден ден по одржаниот вториот генерален штрајк во Србија, протестните маршеви продолжија во голем број градови. Граѓаните од Белград, Нови Сад, Ниш и од други градови излегоа на улица, додека студентите од Суботица пешачат кон Белград, каде што се очекува да пристигнат на 15 март на голем митинг.

Откако цело попладне се одржаа протести на улиците на Белград, малку по 18 часот се собраа илјадници демонстранти на главниот плоштад во Белград, Плоштадот на Републиката. Плоштадот е полн со луѓе.

Сè започна рано попладне на Студентскиот плоштад во Белград, каде што се одржа маршот за 8 март насловен „Жените во првите редови“. На плоштадот се собраа неколку стотици луѓе.

 

 

Најавен е 18-минутен молк за жртвите од уривањето на настрешницата и трите жртви на фемицид, но непосредно пред тоа организаторот преку разглас објави дека штотуку слушнале за уште една жртва на фемицид, па 19 минути молк.

По 19 минути молк, студентите тргнаа пеш кон Плоштадот на Републиката.

 

Студенти од Ниш утре пеш тргнуваат за Белград

Студентите од Универзитетот во Ниш кои се пријавиле дека пеш ќе одат на протестот што ќе се одржи во Белград на 15 март, утре во 6 часот со автобус ќе заминат до манастирот Манасија кај Деспотовац, а потоа оттаму во текот на претпладнето ќе се упатат кон главниот град на Србија.

Најавено е дека студентите ќе пешачат прво до Свилајнац, потоа до Смедеревска Паланка, Пожаревац, Смедерево, Баваниште, Панчево и до Белград.

Студентите кои се пријавиле да патуваат до Белград со велосипед ќе тргнат на протестот в понеделник на 10 март.

Велосипедистите ќе патуваат по патеката што води од Ниш преку Вукашиновац, Крушевац, Мрчајевци, Чачак, Горњи Милановац, Љиг, Лазаревац и Обреновац, до Белград.

Неформална група студенти од Универзитетот во Ниш која организира протести и блокади ги повика граѓаните на Ниш да учествуваат на утрешниот протест пред градското собрание кој ќе биде организиран под наслов „Несреќните 13“.

Како што е најавено, нема да има протестен марш, туку акцентот ќе биде ставен на сеќавањето на корупциските скандали кои ги одбележаа последните 13 години од животот на луѓето во Србија, пренесе Бета.