„Хуавеј“ ќе ги наплаќа своите патенти за 5Г технологија


Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ ги објави плановите за лиценцирање на патентираната 5Г технологија на други производители на паметни телефони.

„Надоместокот за лиценца се заснова на продажната цена на телефонот и е ограничен на 2,5 долари по уред“, соопшти „Хуавеј“.

„Хуавеј“ поседува најмногу патенти за 5Г технологија во светот, но се наоѓа под притисок поради трговската војна меѓу САД и Кина, што и го отежнува пристапот до странска технологија.

Компанијата затоа ги засили истражувањето и развојот и на крајот на 2020 година имаше повеќе од 100.000 регистрирани активни патенти во над 40.000 категории во земјите низ целиот свет. Во 2019 година инвестираше 20,3 милијарди долари во истражување и развој.

– Со објавувањето на моделот за лиценцирање, „Хуавеј“ сака да им ја покаже на компаниите структурата на трошоците на транспарентен начин, изјави адвокатот на компанијата Сонг Лиупинг.

„Хуавеј“ во 2020 година поднесе 5.464 апликации за регистрација на меѓународни патенти, речиси двојно повеќе од нејзиниот најблизок конкурент, јужнокорејскиот „Самсунг“.