Хрватскиот вицепремиер Милошевиќ позитивен на корона, а во февруари се вакцинирал со Фајзер


Потпретседалот на хрватската влада Борис Милошевиќ е позитивен на корона вирус, објави вечерва владата во Загреб. На 4 февруари, како што пишуваат хрватските медиуми, Милошевиќ ја примил втора доза на вакцината Фајзер против КОВИД-19.

Милошевиќ имал полесна треска и други симптоми на КОВИД-19 во текот на утрото, па затоа решил да се тестира на присуство на корона вирусот, а резултатот бил позитивен, го пренесува соопшението на владата порталот СЕЕбиз.

Потпретседателот на владата се чувствува добро и има поблаги симптоми на болеста, тој ќе остане во изолација и ќе ги извршува своите должности од дома, следејќи ги сите упатства на лекарите и епидемиолозите, порачуваат од хрватската влада.

„Со оглед на тоа што Милошевиќ, како и другите членови на владата, претходно беше вакциниран против КОВИД-19, ве потсетуваме дека ниту една вакцина не штити 100 отсто од можноста за инфекција, вклучително и вакцините против КОВИД-19 и во многу ретки случаи, присуството на КОВИД-19 е откриено и кај луѓе кои веќе примиле вакцина“, се вели во соопштението на владата.

„Сепак, ова во никој случај не ја намалува довербата во вакцините или важноста на вакцинацијата како клучен инструмент во борбата против пандемијата на корона вирусот, имајќи предвид дека, според ставот на струката и Европската агенција за лекови, сите одобрени вакцини ефикасно штитат од сериозни форми на болеста и одд смртни случаи”, заклучуваат во владата во Загреб.