Хрватскиот ќе ја проширува листата производи со ограничени цени за да се зачува стандардот на граѓаните


Владата во Хрватска планира да ја прошири листата на производи чии цени ќе бидат ограничени и ќе продолжи да се грижи за стандардот на граѓаните, најавија денеска премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за економија Анте Шушњар.

– Ќе ги прошириме мерките за производите кои ќе имаат ограничени цени, а поголема улога ќе имаат и Државниот инспекторат и Агенцијата за заштита на конкуренцијата, одговори премиерот Пленковиќ на прашање на независниот Нино Распудиќ.

Тој потсети на мерките што Владата ги презеде досега за борба против инфлацијата, вклучително и намалување на стапката на ДДВ на 5 отсто за голем број производи.
Инфлацијата во 2024 година беше 2,975 отсто, а за оваа година се проценува на 2,7 отсто, додаде Пленковиќ, потенцирајќи го растот на БДП, намалувањето на јавниот долг, кредитниот рејтинг и растот на платите и пензиите.

„Инфлацијата е итен хрватски проблем. Во текот на изминатите три години, Хрватска забележа стапки кои се меѓу највисоките во ЕУ и во моментов имаме највисока инфлација во еврозоната“, нагласи Распудиќ, велејќи дека ограничувањето на цените за некои производи нема да го спречи патот „кон бездната“.

Министерот Шушњар најави и дека списокот на производи со регулирани цени се планира да се прошири.

„Продолжуваме да се грижиме за зачувување на животниот стандард на граѓаните, Владата планира да ја прошири листата на производи чии цени се регулирани и ќе се обидеме да ја избалансираме кошничката за да биде што поздрава и подостапна за нашите граѓани“, вели Шушњар. Тој истакна дека се одржуваат средби и со производителите, трговците и дистрибутерите за да може секој да придонесе за намалување на инфлаторните притисоци.