Проблеми и пред да почне гласањето во Србија


Александар Вучиќ чека на ред со својата сопруга Тамара да гласа на избирачкото место во Нов Белград

На повеќе избирачки места во Белград утрово има доцнења со почетокот на гласањето поради недостиг од изборен материјал и опрема. 

Според најновите информации што специјалниот известувач на ЦИВИЛ МЕДИА ги добива од различни делови на Белград, на повеќе избирачки места гласањето започнало со задоцнување, а одделни места биле отворени дури околу 7:50 часот, наместо во предвидените 7 часот.

На некои избирачки места недостасувале спрејови за обележување на гласачите, а на други завеси за гласачките кабини.

Маневски известува и за бавно одвивање на гласањето на избирачкото место број 94 во Блок 45 во Нов Белград, каде што се поставени само две кабини за гласање. Во непосредна близина се наоѓа и избирачкото место број 95, за кое засега нема потврдени информации за бројот на кабините.И покрај доцнењата и долгите редици, граѓаните трпеливо чекаат.

„Никој не се откажува. Само слушнав неколкумина пензионери како велат: ‘Леле, не можам јас толку да стојам’“, пренесува Маневски.

Некои граѓани донеле кафе, други кифлички, а има и такви што читаат книги додека чекаат.

„Атмосферата е неверојатна. Секој што доаѓа вели: ‘Добро утро’“. А меѓу граѓаните што трпеливо чекаат во редиците не недостасува ни хумор. 

„Си земав бурек да појадувам додека чекам. Па нема ваљда сендвич да јадам!“

Александар Вучиќ денеска се појави на избирачко место во Нов Белград, каде што чекаше во ред за да го оствари своето избирачко право на предвремените парламентарни избори во Србија.

Според објавените информации, Вучиќ застанал во редот заедно со останатите граѓани кои чекале да гласаат.