Хрватската влада ќе земе дел профитот на 15 државни фирми за да го пополни буџетот

Петнаесет државни компании ќе треба да уплатат 60 отсто од нивната минатогодишна добивка, или вкупно 1,3 милијарди куни во државната каса

 

Поради корона кризата, хрватската влада ја бара секоја куна во земјата и пошироко, со цел да ги пополни очекуваните дупки во државната каса. Затоа решија да посегнат во џебовите на успешните државни компании, така што 15 од нив ќе треба во буџетот да уплатат 60 отсто од нивната минатогодишна добивка. На тој начин државата каса ќе добие околу 1,3 милијарди куни.

Минатата година премиерот Андреј Пленковиќ свечено го отвори новиот логистички центар на „Хрватски пошти“, но сега ќе земе повеќе од половина од нивниот рекорден профит од 130 милиони куни. Иако корона кризата ги погоди тешко, поштата вели дека потегот на владата нема да го уништи нивниот бизнис.

„Хрватската поште ја имаше планирано предвидената уплата на дивидендата и тоа нема да биде проблем во нашиот понатамошен развој. Со развојот и реструктуирањето во изминатите четири години успешно ја покривме загубата од претходните периоди, а 2019 година е прва година во која Хрватска пошта му плаќа дивиденда на сопственикот“, велат од ХП.

Од ХЕП (Хрватска електропривреда), исто така, велат дека уплатата во буџетот нема да го спречи нивниот план за инвестиции во електрани.

Поранешниот министер за финансии на СДП, Борис Лаловац, смета дека владата треба да го преиспита својот потег токму поради инвестициите на енергетските компании кои можат да го покријат недостатокот на приватни инвестиции заради кризата.

„Овие компании први можат да генерираат инвестиции, само тие можат да го генерираат тој економски раст во 2021 година, како што вели владата дека тогаш ќе има раст меѓу шест и седум проценти. Сметаме дека со пад на личната потрошувачка не би било добро да се намалат инвестициите затоа што само тие тие можат да го компензираат падот на личната потрошувачка”, објаснува Лаловац.

Од друга страна, неговиот претходник Славко Линиќ смета дека потегот на владата е паметен и нема да ги расипе инвестициите затоа што државните компании можат лесно да позајмуваат. Тој е загрижен само за повлекувањето на профитот од ИНА.

„Повлекувањето на профитот во ИНА значи повлекување на профитот за МОЛ, а со тоа и нивната приказна за инвестициите во рафинеријата ‘Ријека’ повторно ќе најде изговори за одложување на инвестициите и да не вложуваат затоа што според мене тоа не е нивна намера“, вели Линиќ.

Поранешниот министер за економија Радимир Чашиќ не смета дека ќе има голема штета, но тој вели дека треба да се смени принципот на повлекување на профитот кога се потребни пари за да се закрпи државната каса.

Одлуките од ваков вид во наредните години треба да одат со јасен критериум. На оние компании кои имаат јасни инвестициски програми корисни за оваа земја, не треба да им ссе зема профитот, напротив. Оние што немаат, сопственикот треба да им ги земе тие пари и тоа мора да биде единствениот вистински критериум“, објаснува Чашиќ.

И либералите во парламентот исто така имаат разбирање за овој потег на владата. „Во кризата во која моментно се наоѓаме, секој извор на ликвидност е добредојден и владата мораше да го стори тоа, но во принцип не треба да биде нормално да го земе тоа од оние што генерираат профит и потоа да го прераспределува на загубарите“, рече Давор Хуиќ.

Интересен случај е Хрватската лотарија, која аплицираше за државна помош заради корона кризата, а сега десетици милиони куни од ланскиот профит треба да бидат уплатени во државната каса од која претходно побарала помош, пишува Дневник.хр.