Хрватската асоцијација на работодавачите бара укинување на контролата на цените на храната


Хрватската асоцијација на работодавачите (ХУП) упати барање до владата во Загреб за укинување на одлуката за замрзнување и контрола на цените на основните прехранбени производи – пренесува порталот „Индекс“.

Потпретседателот на Трговската асоцијација при ХУП, Мирко Будимир, во интервју за телевизијата РТЛ посочи дека пазарните аномалии се надминати и дека административните ограничувања повеќе ги немаат првичните оправдувања. Според него, Хрватска во моментот бележи економски раст и зголемување на платите, а инфлацијата е стабилна и се движи во прифатливи рамки, поради што пазарот треба да продолжи да функционира слободно.

Будимир предупреди дека евентуалното поскапување на храната оваа есен нема да зависи од трговците на мало, туку од производителите кои се погодени од растот на цените на енергентите. Тој нагласи дека трговците се принудени да ги следат ценовните корекции што ги диктира производниот сектор и повика на итна комуникација со владата за ревидирање на Законот за исклучителните мерки и одлуката за утврдување максимални цени донесени во 2025 година.