Хрватска со драматична победа против Русија обезбеди директен пласман на Мундијалот
Хрватската фудбалска репрезентација ќе биде меѓу репрезентациите кои ќе играат на Светското првенство во Катар во 2022 година, откако денеска во Сплит ја совлада Русија со 1-0 (0-0) и со тоа го освоија првото место во својата квалификациска група, со бод повеќе од Русите кои ќе играат во дополнителните квалификации во март следната година.
Пресметката беше јасна, само победа ја водеше Хрватска директно во Катар, додека пораз или нерешено би ја испратиле во дополнителните квалификации.
Голот кој ги однесе Златко Далиќ и неговите избраници на Мундијалот беше дело на рускиот одбранбен играч Фјодор Кудрјашов, кој несмасно ја испрати топката во сопствената мрежа во 81. минута.
Хрватска беше супериорна во текот на целиот натпревар, а доказ за тоа е и статистиката од 19 удари на Хрватска кон рускиот гол, од кои пет во шеснаесетникот. Русите имаа само два обида и ниту еден не го принуди хрватскиот голман да интервенира.