Хрватска го слави Денот на државноста
Хрватска денеска го слави Денот на државноста – пред 34 години, на 30 мај 1990 година, беше конституиран првиот демократски, повеќепартиски Парламент и беше потврдена неговата историска улога во зачувувањето на хрватската државност.
На 30 мај во цела Хрватска владее посебно празнично расположение, особено во Загреб на плоштадот Свети Марко, јавија локалните медиуми.
По децении комунистичко владеење и едноумие, во Саборот на денешен ден се собраа пратениците избрани на демократски и повеќепартиски избори кои се одржаа во два круга, во април и мај 1990 година, а на кои убедливо победи ХДЗ.
– Тоа навистина беше голем настан – власта во Хрватска ја презедоа луѓе кои во голема мера не беа соодветни за претходното комунистичко едноумие. Значителен дел од нив во тоа време доживеале различни форми на малтретирање, а некои биле политички затвореници, напиша историчарот Иво Периќ.
На конститутивната седница било избрано раководството на новиот повеќепартиски Парламент, а за претседател Жарко Домљан, а за потпретседатели Ивица Перџан, Стјепан Сулиманац и Владимир Шекс.
– Мислам дека ги искажувам чувствата на сите пратеници ако кажам дека големата доверба што ја искажаа гласачите во овој Парламент наложува сите да го почитуваат минатото и да ги насочат погледите кон иднината, да ги собереме сите луѓе со добра волја, сите духовни, стручни, материјални потенцијали на земјата во остварувањето на заедничката цел – слободна, демократска и суверена Хрватска, изјави тогаш Домљан, пренесува ХРТ.
За претседател на Извршниот совет на Парламентот бил избран Стипе Месиќ, а за претседател на Претседателството на Република Хрватска Фрањо Туѓман.