Хрватска го доби десеттиот „Рафале“, до април ќе се комплетира ескадрилата

Хрватска нарача 12 авиони „Рафале“ од Франција, од кои 10 се едноседи, а два двоседи за обука, а последниот едносед денеска пристигна во Загреб.
Со денешното пристигнување на десеттиот авион Рафале се заокружува процесот на набавка на 10 од вкупно 12 авиони при набавка вредна над 1,3 милијарди евра.
„Десеттиот повеќенаменски борбен авион „Рафале“ денеска пристигна во Хрватска. Со пристигнувањето на преостанатите два „рафала“ до крајот на април, ги зајакнуваме капацитетите на хрватската армија и безбедноста на хрватскиот народ“, напиша министерот за одбрана Иван Анушиќ.
Хрватските авиони Рафале сè уште не постигнале оперативна способност и сè уште се во процес на подготовка за преземање на контролата над воздушниот простор на Република Хрватска.
Во изминатите две децении, одбраната на хрватскиот воздушен простор ја обезбедуваа истрошените советски ловци МиГ-21, чиј век на траење е истечен.