Хрватска ги купува најновите „леопарди“ – старите тенкови и оклопни возила ги праќа во Украина
Хрватска планира да набави 50 нови германски тенкови „леопард 2А8′, според неофицијални информации, пренесуваат хрватските медиуми. Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска во Берлин ќе потпишат писмо со намери што ќе го означи првиот чекор во оваа набавка.
Германија ја покани Хрватска да се приклучи на заедничката програма за набавка на главниот борбен тенк „леопард 2А8“, најмодерната верзија произведена од „Рајнметал“, водечки европски производител на оружје.
Според достапните информации, моделот за набавка предвидува Хрватска при првата испорака да испрати во Украина 30 тенкови М-84 и 30 пешадиски борбени возила М-80 од своите резерви, вклучувајќи резервни делови и муниција. За хрватската испорака на тенкови и оклопни возила во Украина средства би обезбедила Германија, односно за таа сума би се намалила вкупната цена за набавка на нови „леопард 2А8“ за Хрватска.
Хрватската армија во моментов има околу 70 добро одржувани тенкови М-84. Замената на овие постари тенкови, произведени во времето на поранешната држава, со новиот „леопард 2А8“ се смета за клучна за модернизацијата на хрватските вооружени сили.
Владата до средината на ноември треба да донесе формална одлука за повеќегодишното финансирање на овој проект. Тогаш треба да се знае конечната цена на набавката на „леопард“ и други детали.