Хрватска Банија една година по земјотресот: Луѓето умираат во контејнери, како можеше во 1963 година Скопје да се изгради?
Една година по разорниот земјотрес што ја погоди областа Банија во Хрватска, погодените градови и села уште не се обновени.
Повеќе илјади домови добија црвена налепница, а бројни луѓе и понатаму живеат во контејнери, без пристап до струја, вода и греење.

„Тажна сум што не гледам никаков напредок. Една година помина, ништо не напрвивме. Како тоа во `63 година кога немаше толку техника и механизација, Скопје можеше да се обнови за една година? Ние сега, со сите тие ресурси со кои располагаме, не сме во состојба да направиме ни една куќа по земјотресот“, вели заменик-градоначалничката на Глина Бранка Башиќ Митиќ, за Индекс.
Вели дека тажна затоа што секој ден контактира со луѓето кои живеат во контејнери.
„Контејнерите прокиснуваат, не се приклучени на вода, луѓето живеат во канцелариски контејнери без санитарен чвор, идат во тоалет на студеното, по дожд, по снег“, вели таа.

Луѓето умираат по контејнери
Ја спомна и ситуацијата во Загреб.
„Што направивме во Загреб, ќе мора ли да ги враќаме парите на ЕУ, кои ги добивме за обнова на Загреб? Па, ние тогаш не можеме да се надеваме дека овде и за 10 години, нешто ќе се случи, нема никој да остане тука. Луѓето умираат во контејнери. И што понатаму?“, прашува Башиќ Митиќ.
Се прашува како граѓаните може да помогнат, а државата не може.
„Ако можат малите луѓе, ако може со приватни донации, ако се одрекуваат од своите примања и своите пари за да помогнат на луѓето, да напарат куќа – па како тоа не може државата?“, продолжуваа таа.

Граѓаните се разочарани. Велат дека навечер се гледа дека нема никој, темно е, пусто. Сите некаде заминале. Некои едвај чекаат да се вратат дома. Се чувствуваат незгодно, тешко им е , обновата споро оди, а и постојано ги тресат помали земјотреси. Разочарани се од ветувањата на политичарите. Сета таа бирократија и документација…

„За да се отстрани објект, треба елаборат, тој чини 20.000 куни, а ние една година по земјотресот не ги тргнавме ни урнатините, а требаше барем тоа без елаборат да биде за да се забрза, да не ја гледаат луѓето таа тага во дворовите. Да тргнеме од некаде, но ни тоа не го направивме, па како ќе почне обновата? Донатори сакаат да градат типски куќи, толку проблеми со документација. Еве Ротари клубот, Солидарна и луѓето сакаат да направат 11 типски куќи, но документите се предадени во јули, а градењето не може да почне“, вели Башиќ Митиќ.

Само донатори градат, државата ја нема
Вели дека луѓето во Глина ги посетуваат само приватни донатори, а политичари се помалку.
Досега на подрачјето на Глина направени се повеќе од 50 куќи, од донација, купени се куќи со зелена налепница, изградени се дрвени куќи, привремени објекти и монтажни куќи, па згрижени се 50 семејства.
За оваа годишнина вели, би било добро на луѓето да им се донсат клучеви од нови куќи.
„Тоа би бил гест, а не да се појават со празни ветувања. Јас не би дошла. Нека почнат да ги остваруваат своите ветувања и мора да се бориме народот да остане, оти за една година ќе немаме кому да ги обновуваме куќите“, вели таа.
Земјотресот се случи на 28 декември 2020 година, во 6,28 часот, а потоа следуваа стотици други. Во земјотресот загинаа осум луѓе, а 28 беа повредени.
Штетата беше проценета на 5,5 милијарди евра, а Европската Унија додели 319 милиони евра за обнова. Повеќе од 9.500 објекти беа означени како оштетени. На подрачјето на трите жупании обновени се нешто повеќе од 1.100 објекти, повеќето со самообнова. Многу граѓани живеат во контејнери и привремени објекти.