Храната никогаш не била толку скапа во Турција како сега

Во последните 20 години цените на храната во Турција пораснале за 1.750 отсто, а само во последната година меленото месо скокна за близу 150 отсто.


Во последните 20 години цените на храната во Турција пораснале за 1750 отсто. Само во последната година меленото месо скокна за близу 150 отсто. Денес за многу Турци обичните намирници стануваат луксуз, пишува „Дојче веле“.

Темата за растот на цените е една од најдискутираните во турското општество. Не е тајна дека турската економија веќе подолго време е во криза. Земјата страда од висока инфлација, која со години брка нови и нови рекорди. Според официјалните информации, во март таа била околу 50 отсто во однос на истиот месец од 2022 година. Но, според пресметките на независната истражувачка група Inflation Research Group – ENAG, станува збор за дури 112% инфлација – знак дека турските власти ја омекнуваат реалната состојба.

Во последниве години турската лира изгуби многу од својата вредност во однос на доларот и еврото: ако во 2014 година едно евро вредеше 2,90 лири, сега курсот е 1 евро за 21 лира.Поради тоа оваа тема стана неизбежен дел од предизборната кампања. Изборите се за помалку од еден месец, а  пред неколку дена претседателот Реџеп Таип Ердоган ја објави својата партиска програма при што  едно од неговите главни ветувања е намалување на инфлацијата на едноцифрени вредности, како и „борба“ со нестабилните цени на прехранбените производи.

Според студијата на Центарот за истражување на синдикатите, дваесетте години кога цените на храната во Турција пораснале за 1.750 на власт беше партијата на Ердоган сето време. Денес, земјата е на петтото место во глобалната статистика за инфлација на храната. Со 69% инфлација на храната, Турција е на петтото место по Либан, Зимбабве, Аргентина и Иран. Според Националниот совет за црвено месо, цената на меленото говедско месо е зголемена за 30 отсто само во последниот месец, а вкупниот пораст за минатата година изнесува 147%.

„Најважното прашање на изборите“

Поради ова, многумина во Турција не можат да си дозволат многу намирници така што ова дефинитивно ќе биде важно за гласањето на 14 мај.

„Инфлацијата ќе биде клучно прашање на изборите“, вели турскиот политиколог Берк Есен. „Ова е најважното прашање што ја загрижува власта пред гласањето.Инфлацијата на храната е огромен предизвик за владетелите. Ова е единствената причина зошто владата има проблеми со своето тврдокорно гласачко тело. Голем дел е од ниската средна класа и тие се многу погодени од зголемувањето на цените на храната“, објаснува Есен за ДВ.

Млекото и месото стануваат луксуз

„Просечниот турски граѓанин повеќе не може да си дозволи млечни производи и месни производи“, рече Шемси Бајрактар, претседател на Турското земјоделско здружение. Производителите повеќе не можат да ги хранат своите животни бидејќи инфлацијата влијае и на добиточната храна.

„Беа заклани животни за приплод, по што се намали количината на млеко што се испорачува на преработувачката индустрија. Поради зголемените трошоци и намалената понуда, цените на месото се зголемија. Не секој има пристап до месо и млечни производи“, вели Бајрактар.

За време на пандемијата затворени беа сите хотели и ресторани во земјава – имено, ова се местата каде што се консумира многу месо. „Во тоа време остануваше по 70 отсто од месото. Производителите го продаваа по многу ниски цени“, вели Ахмер Јујесан, претседател на Здружението на производители на месо и месната индустрија.

Денес туризмот и рестораните се вратија во нормала, а потрошувачката на месо се врати на претходното ниво. „Но, во отсуство на доволни инвестиции, домашната побарувачка не може да се задоволи. Затоа цените континуирано растат во последните шест месеци“, објасни Есен.

Според него, виновни се „погрешните политики“ на владата за справување со инфлацијата.

„За време на пандемијата немаше добро планирање. Едноставно не беа преземени потребните мерки“, вели Југесан.

Владата сака да ја спаси ситуацијата

Со оглед на поскапувањето, владата одлучи да го зголеми увозот на животни од странство. Управата за месо и млечни производи во земјата планира да увезе повеќе од половина милион животни и 8.500 тони преработено месо – главно од Латинска Америка. Директорот на турската асоцијација на производители на црвено месо се жали дека политиката на владата не е одржлива или ориентирана кон иднината, туку има за цел „само да го спаси денот“. Булент Тунц нагласува дека производителите начелно не се против планираниот увоз, туку против немањето политичко планирање. Сметаат дека власта носи контрадикторни одлуки.

„Порано министерот рече дека планирале сè. Дека ќе престанат да увезуваат по три години и никогаш повеќе нема да увезуваат. Потоа инвестиравме соодветно. Се изградија стотици, илјадници фабрики, се создадоа многу нови компании. И одеднаш велат дека ќе се увезат повеќе од 500.000 животни. Ова не загрижува нас како производители. Повторно и повторно го доживуваме истото сценарио поради политичарите кои се фокусираат на спасување на

Како и Тунч, Јујесан верува дека увозот само привремено ќе му помогне на пазарот. „Цените ќе продолжат да растат наместо да паѓаат“, вели Југесан.

„Никогаш во историјата на нашата земја храната не била толку скапа како денес. Огромното мнозинство потрошувачи немаат пристап до основните прехранбени производи. Тие не можат да се хранат сами“, рече Турхан Чакар, претседател на Фондацијата за правата на потрошувачите неодамна. (Дневник)