Хотелот „Молика“ се жали дека некој сака да и го урне имиџот


Еден од хотелите каде има државен карантин е „Молика“ близу Битола

Од хотелот ,,Молика” денес порачаа дека работат по највисоки стандарди и ги запазуваат сите протоколи и процедури, како во секојдневни услови, така и во услови на државен карантин во кои во моментов пружаме услуги.

-Во врска со ситуација минатата недела, во која на хотелот му беше испорачан спакуван прехранбен производ кој не беше во исправна состојба,што се утврди дури по отворањето на пакувањата, сакаме да ја известиме јавноста дека од наша страна веднаш беше направен записник од фактичката состојба и писмено реагиравме до добавувачот кој има склучено договор со нас за снабдување со млечни производи, но исто така и до самиот производител. Во реакцијата посочивме дека нивниот пропуст се одразува на нашиот имиџ како познат угостителски објект и бренд, а исто така и врз нашите гости, и дадовме опомена пред раскинување на договорот поради направениот пропуст од нивна страна.

Сакаме да потенцираме дека сите граѓани кои издржуваа и издржуваат државен карантин во хотелот ,,Молика” се многу задоволни од престојот, условите и услугата од наша страна, и нивните коментари одат во насока на изразување благодарност за се што правиме за да им го олесниме ова, за нив, тешко искуство за кое ние имаме големо човечко разбирање.

Во однос на исхраната, хотел ,,Молика” за лицата кои се во карантин во нашиот објект обезбедува мени по сите хотелски стандарди и стандарди во туризмот. Исто така, обезбедуваме и соодветно мени согласно побарувањата на дел од лицата во карантин врз основа на нивните верски и религиозни определби.

Сметаме дека не е во ред поединци да се обидуваат да градат друга слика во јавноста, поинаква од реалната, и апелираме до медиумите и до граѓаните кои ги следат случувањата, да не се потпираат само на искази на една личност, во кој и да е случај, па така и во овој случај, порачуваат од хотелот „Молика“.

Притоа нагласуваат дека  вработените работат под вонредни околности, опслужувајќи лица во државен карантин, а нивната работа е отежната токму  поради неодговорното однесување на мал број од тие лица кои се обидуваат да ги прекршат протоколите.

-За среќа има навремена реакција од органите на редот, што резултираше и со казни за лицата, за што јавноста веќе беше известена.Ние како хотел Молика и како бренд во туризмот на нашите простори, реагираме на обидот одредени незадоволства на дел од штитениците во карантинот, кои потекнуваат од други причини, да бидат пренасочени кон нанесување штета на имиџот на хотел ,,Молика”, стои во соопштението.