Холивудски ѕвезди во затвор заради мито: По Хофман и Лаглин се изјасни за виновна
САД – Скандалот во кој над 40 богати родители подмитувале тренери од колеџ и луѓе од центрите за тестирање со цел да им помогнат на своите деца да се запишат на најелитните универзитети во земјата, како Јејл, Џорџтаун и Стенфорд, добива судски епилог. Меѓу обвинетите беа и актерките Лори Лаглин позната од серијата „Полна куќа“, и ѕвездата на „Очајни домаќинки“-Фелисити Хофман.
Лаглин и нејзинот сопруг, дизајнерот Мосимо Џианули, вчера се изјаснија дека се виновни и ќе отслужат казна затвор за учество во криминален потфат.
Лаглин (55) прифати да служи затворска казна во траење од два месеца, и заедно со својот сопруг таа се согласи на договор што вклучува финансиски надомест и работа за хуманитарни цели под надзор.
Според условите на спогодбата, актерката ќе биде во затвор два месеца, ќе плати 150.000 долари и ќе има задолжителни 100 часа општо корисна работа, додека нејзиниот сопруг ќе помине пет месеци в затвор, а ќе мора да плати и парична казна од 250.000 долари и задолжителни 250 часа општо корисна работа.
Фелисити Хофман го одлежа 11-от од 14 дена затвор, и таа е меѓу првите која се изјасни виновна .
Митото наводно се вршело преку компанија за консултации во Калифорнија, а според властите, родителите вкупно дале околу 25 милиони американски долари на основачот на фирмата Edge College & Career Network со цел нивните деца со сигурност да се најдат на приемните листи на престижните универзитети.