Холандија од новиот буџет ќе одвои дополнителни 1,1 милијарда евра за одбраната

Холандската влада ќе ги зголеми издвојувањата за одбраната за уште 1,1 милијарда евра, напиша лидерот на Народната партија за слобода и демократија (НПСД) Дилан Јешилгоз на „Икс“. НПСД е дел од владејачката коалиција во земјата.
Одлуката за дополнителното трошење е донесена по преговорите меѓу лидерите на четирите партии од владејачката коалиција, на кои се разговарало за буџетот на државата.
Зголемувањето на трошоците ќе биде дополнето на повеќе од 10 отсто зголемување на воените трошоци објавено минатиот септември на околу 24 милијарди евра годишно. Ова ќе ја приближи Холандија до целта на НАТО од 2 отсто од БДП за прв пат откако земјите-членки на блокот се договорија за овој минимум пред 10 години.
Холандската влада веќе соопшти дека ќе работи на распределба на повеќе средства за одбраната, откако американскиот претседател Доналд Трамп го засили притисокот врз земјите од НАТО да трошат повеќе за своите воени сили.
Јешилгоз не даде детали за зголемувањето на издвојувањата за одбраната, бидејќи плановите за тоа треба прво утре официјално да бидат одобрени.