„Хитроу“ ја загуби титулата најпрометен аеродром во Европа


Лондонскиот Хитроу ја загуби својата позиција како најпрометен аеродром во Европа во јули, со 7,86 милиони патници што поминале низ неговите терминали, додека аеродромот во Истанбул регистрирал 8,15 милиони.

Бројот на патници на „Хитроу“ е намален за 1,5 проценти во однос на јули минатата година, додека во Истанбул е зголемен за 2,3 проценти, објавува Гардијан.

Воздушниот сообраќај помеѓу „Хитроу“ и дестинациите на Блискиот Исток е особено силно погоден од војната меѓу САД и Иран, при што бројот на патници на тие рути е намален за 20,2 проценти во јули во споредба со претходната година.

„Хитроу“ соопшти дека резултатот ја покажува потребата од проширување бидејќи неговите две писти работат речиси со капацитет.

Аеродромот во Лондон бара дозвола за изградба на трета писта, што би можело да го зголеми капацитетот од околу 85 милиони патници годишно во 2025 година на дури 150 милиони.

„Хитроу“ беше најпрометен аеродром во Европа од 1996 до 2019 година, пред ограничувањата поради пандемијата да го прекинат тој низ.

Ја врати титулата во 2023 година, но сега Истанбул за прв пат го зазеде првото место.

Аеродромот во Истанбул се отвори дури кон крајот на 2018 година и беше изграден како сосема нов голем меѓународен центар, постепено заменувајќи го стариот аеродром „Ататурк“.