Харадинај: Извештајот на СЕ за напредокот потврди дека агендата на Курти е да го оддалечи Косово од евроатлантските интеграции
Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, оцени дека последниот Извештај на Советот на Европа за напредокот на Косово го одразува распадот на системот на владеење во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата Фејсбук страница, Харадинај вели дека извештајот јасно покажува дека премиерот Албин Курти го оддалечил и саботирал Косово од процесите што го водат кон членство во НАТО.
„Извештајот за напредокот, како што се очекуваше, во голема мера го одразува распадот на системот на владеење во Косово и оддалечувањето на земјата од сите процеси што ја приближуваат до Европската унија. Тоа се манифестира со газење на парламентарната демократија, мешање во медиумите, саботажа на правосудниот систем, дефекти во набавките и речиси во секоја област од животот. Во последните четири години Курти го отстрани и саботира Косово од процесите што го водат кон членство во НАТО. Со овој извештај се гледа дека целата негова агенда е оддалечување на Косово од сите евроатлантски интеграции“, напиша опозицискиот лидер.
Според Харадинај, симнувањето на Курти од власт „секојдневно се претвора во национална обврска за сите“ во Косово.
Премиерот Курти вчера изјави дека според Извештајот на СЕ, Косово не назадувало, туку е постигнат напредок во речиси сите области. Тој ја нагласи позитивната оценка за визната либерализација како чекор што се очекува да го подобри слободното движење на косовските граѓани и посветеноста на Косово да ги почитува политиките на ЕУ.
Според косовската опозиција, во извештајот на СЕ доминираат токму спротивни оценки од оние на Курти за наредокот на Косово, односно се нагласуваат забелешките за централизирање на власта, за изолирање на земјата, авторитарност и гушење на демократијата.