Хаос во француските затвори предизвикан од нарко-мафијата?


Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо по повод серијата напади врз затворите во неколку градови изјави дека Националното обвинителство за борба против тероризмот презело акција и има ресурси да го реши проблемот.

Како што рече, верува дека зад нападот стои нарко-мафијата, пренесоа денеска француските медиуми.

Ретајо додал за РТЛ дека од неделата биле нападнати десетина затвори и дека минатата ноќ била мирна.

Истрагата засега не исклучува никаква можност, но Ретаjо ја претпочита опцијата според која зад нападите стојат „нарко ѓубриња“, како што ги нарече, пишува париски Фигаро.

Според него, тоа е најверодостојната трага.

Истрагата не ја исклучи можноста за вмешаност на екстремната левица, како и мешање на странски фактори.

„Моето цврсто верување кое го делат неколку агенти на МВР е дека си имаме работа со нарко ѓубриња. Тие не ни објавија војна, туку ние им објавивме војна преку законот за борба против трговијата со дрога“, рече Ретајо.

Засега никој не е уапсен во врска со нападите во затворот.

Според Ретајо, оние кои ги извршиле нападите се целосни идиоти, па би се изненадил доколку не остават никакви траги.

„Им беше наредено да ги запалат автомобилите на стражарите, а тие ги запалија автомобилите на затворениците“, рече министерот со потсмев.

Во вторникот, француското обвинителство за борба против тероризмот отвори истрага за серија координирани напади врз неколку затвори во неколку градови во изминатите неколку дена.

Првиот инцидент се случил во неделата во градот Азен, кога седум возила биле запалени на паркингот пред Националното училиште за персонал во управата на затворот (ЕНАП), објави обвинителот Оливие Набуле, пренесе ТВ Бфмтв.

Потоа, ноќта меѓу понеделникот и вторникот беа нападнати неколку затвори во повеќе градови, на чии паркинзи беа запалени возила, додека во Тулон од автоматско оружје беше пукано во затворската ограда.

Нападнати се и затворите во Нантер, Марсеј и Ним, објави Bfmtv.

Како што изјави извор близок до истрагата, овие напади биле координирани и планирани како одговор на формирањето затвори со највисоко ниво на безбедност и на стратегијата на Министерството за правда во борбата против трговијата со дрога.