Ханибал Гадафи пуштен од затвор
Бејрут – Синот на починатиот либиски лидер Моамер ел-Гадафи, Ханибал Гадафи, беше ослободен од либански затвор по десет години поминати во притвор, потврдија денеска неговиот адвокат и судски извори.
„Тој е ослободен“, изјави за ДПА Насиб Чедид, еден од неговите адвокати. Неговиот правен тим соопшти дека Ханибал бил ослободен со кауција од 900.000 американски долари и дека му е укината забраната за патување.
Ослободувањето се случи неколку дена откако либанските власти ја укинаа забраната за патување на Гадафи и ја намалија неговата кауција.
Судот првично побара кауцијата да биде одредена на 11 милиони долари, но минатиот четврток кауцијата беше намалена на 900.000 долари.
Гадафи (50) живеел во егзил во Сирија со неговата либанска сопруга, Алин Скаф, и децата сè додека не бил киднапиран во 2015 година и донесен во Либан од либански милитанти кои барале информации за ал-Садр.
Тој беше обвинет за криење информации за исчезнувањето на шиитскиот лидер Муса ал-Садр во Либија во 1978 година.
Шиитската милиција Амал во Либан го смета режимот на Гадафи за одговорен за исчезнувањето на свештеникот роден во Иран.
Либија постојано негира каква било вмешаност во неговото исчезнување.
Во минатото, имаше спротивставени извештаи за судбината на шиитскиот лидер – од кои некои сугерираа дека покојниот долгогодишен либиски владетел Моамер ал-Гадафи наредил негово убиство.
Случајот со ал-Садр останува едно од најконтроверзните и најнерешените прашања во поновата либанска историја и постојано ги затегнува односите меѓу Либан и Либија, потсетува германската агенција.
Моамер Гадафи беше убиен од опозициските борци за време на востанието во Либија во 2011 година, кое прерасна во граѓанска војна, со што заврши неговото четиридецениско владеење со северноафриканската земја.
Ханибал Гадафи, кој е роден речиси три години пред исчезнувањето на ал-Садр, избега во Алжир откако неговиот татко беше соборен, а Триполи падна во рацете на опозициските борци, заедно со неговата мајка и неколку други роднини. Подоцна се пресели во Сирија каде што доби политички азил и остана таму сè додека не беше киднапиран.
Моамер Гадафи имаше осум деца од два брака. Повеќето од нив имаа значајни улоги во неговата влада. Неговиот син Мутасим беше убиен во исто време кога лидерот беше заробен и убиен. Двајца други синови, Сеиф ал-Араб и Хамис, беа убиени во востанието.
Сеиф ал-Ислам, некогашниот наследник на неговиот татко, е во Либија откако беше ослободен од притвор таму во 2017 година. Синот на Гадафи, Мохамед, и ќерката Ајша живеат во Оман. Ал-Сади, поранешен фудбалер, беше ослободен од затвор во Либија во 2021 година, откако беше затворен по репатријацијата од Нигер во 2014 година, и се верува дека живее во Турција.