Гувернерот Славески со идеја за национална мрежа на банкомати, за граѓаните полесно да дојдат до готовина


Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“, истакна дека иницијативите на Народната банка за намалување на банкарските провизии веќе даваат конкретни резултати и дека граѓаните и компаниите постепено ги чувствуваат придобивките, додека за каматните стапки се очекува натамошен надолен тренд.

Гувернерот посочи дека токму граѓаните најдиректно можат да оценат дали промените во висината на банкарските провизии се чувствуваат во практика, додека анализите на Народната банка укажуваат дека преземените иницијативи беа правилно разбрани од банкарскиот сектор. Преку постојан дијалог со банките, а по претходно намалување на трошоците за банките за порамнување на плаќањата во платниот систем на Народната банка, банките пристапија кон позначително намалување на надоместоците за извршување на плаќањата. Според анализите, поголемите банки во најголем дел ја искористиле оваа заштеда во полза на клиентите преку пониски провизии, а дел од банките дополнително се откажале и од дел од сопствената заработка, со што ефектите се особено видливи кај малите и средните претпријатија.

Напоредно со ова, гувернерот Славески најави и системски пристап преку законски измени на Законот за платните системи, заради унапредување на платежната сметка со основни функции, којашто досега не заживеа поради бројни ограничувања. Со предложените измени, коишто се доставени до Министерството за финансии, се укинуваат ограничувањата како забраната за дозволено пречекорување, неможноста за поседување друга сметка и ограничениот број трансакции. На овој начин, за мал фиксен месечен износ, граѓаните ќе можат да вршат повеќе трансакции и да добијат дополнителни поволности, вклучително и можност за бесплатно подигање готовина од банкомати на други банки, во ситуации кога нема расположлив банкомат или готовина кај нивната матична банка.

Гувернерот нагласи дека ваквите решенија се дел од светската и европската практика и дека Народната банка ги следи позитивните искуства од други земји, како Литванија, а како значаен пример ја посочи и Хрватска, каде што беа усвоени законски измени со кои од 1 јануари значително се намалуваат банкарските провизии. Покрај ова, се работи и на идејата за воспоставување национална мрежа на банкомати, што би им овозможило на граѓаните полесно да дојдат до готовина и во средини каде што нема банкомат од нивната банка. Ваквото решение се очекува да се разгледува со цел реализација во 2026 година.

Осврнувајќи се на каматните стапки, Славески истакна дека во последните две години е забележливо постепено надолно приспособување и кај каматните стапки на кредитите на домаќинствата. Просечната каматна стапка за кредитирање на граѓаните изнесува околу 4,8 проценти, што е на ниво на просекот во европски рамки. Како што појасни, каматните стапки во економијата се тесно поврзани со движењето на инфлацијата, така што со натамошното стабилизирање на цените и со поволните економски услови, при стабилен девизен пазар, ќе се создаде дополнителен простор за нивно натамошно намалување.

 

Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.

„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.

Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.

Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.