Гувернерот Славески очекува банките да го следат сигналот на НБ и да ги намалат надоместоците


Гувернерот Трајко Славески, по одлуката на Советот на Народната банка со која се создаде простор за намалување и поедноставување на надоместоците што банките ги наплаќаат на граѓаните, порача дека сите очекуваат разумно однесување и оти банките можат олеснувањето од НБ кон нив веднаш да го пренесат на клиентите. 

– Не даваме никакви рокови, станува збор за одговорни субјекти кои треба да ги ревидираат своите тарифи и мислам дека повеќето од нив тоа го работат во моментот, рече Славески.

Поединечно разговарале со 13. банки и очекува да го следат сигналот од НБ.  Во спротивно, како што рече, има начини и идеи како да се постапи во иднина.

– Како НБ се разликуваме од банките во третманот на платниот систем. Платниот систем е крвоток на економијата и тоа е третманот на јавна корист која не се разликува снабдување со вода, струја, телекомуникации.. Да се овозможи значителен пристап до секој полнолетен граѓанин до услугите на платниот систем за извршување трансакции кои се дел од секојдневното живеење мора да има и таков тртеман. НБ во соработка со други државни органи, Владата, парламентот, има начини, идеи, како во случај на повторно неследење на сигналите би постапила во иднина, изјави гувернерот. 

На состанокот со Македонската банкарска асоцијација укажале на ставките според меѓународните стандарди и праксата на мајките банки на нашите банки со доминатен странски капитал, да се приспособат кон тие стандарди.

– Одлука на секоја банка е да ги следи сигналите на НБ и ние стекнавме таков впечаток во разговорите, очекуваме не само ова од што ние се откажуваме како НБ како олеснување за дологовниот промет при порамнувањето, туку дополнителни намалувања на издатоците што ги имаат граѓаните и приватниот сектор кон банките. 

Советот на Народната банка вчера донесе одлука за воведување нов модел на надоместици што банките ги плаќат за услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Со оваа промена, според Славевски се воспоствува поедноставна и поконкурентна структура на тарифите, а тоа ќе овозможи пониски трошоци за електронските плаќања и ќе придонесе за поевтини услуги кон граѓанте и компаниите.

Одлуката стапува во сила на 1 август по што се очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за придобивките за економијата во целина од едноставните, лесно достапни и евтини платежни услуги во државата. 

Советот на Народната банка донесе и одлука со која воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија. Наместо просечните 14 евра по трансакција преку коресподентно банкарство, со новиот тарифник се воведува фиксен надомест од три евра за електронски плаќања и од пет евра за хартиени.

– На овој начин праќаме јасна порака – очекуваме пофер и поевтини платни услуги за сите. Народната банка ја поддржува изградбата на ефикасен и конкурентен платен пазар во земјава, во согласност со европските стандарди и во духот на интеграцијата во СЕПА, истакна гувернерот.

Тој посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.