Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на САД
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со претставниците на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Бредли Гарднер, шеф на Политичко-економскиот сектор, Барнабас Биркеланд, економски аташе, и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата на САД во земјава. На средбата присуствуваше и вицегувернерката Ана Митреска.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски состојби и очекувањата за македонската економија, како и за тековните светски и регионални економски движења и нивното влијание врз домашната економија.
Гувернерот Славески ги претстави тековните активности и приоритети на Народната банка, со посебен осврт на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, стабилноста на девизниот курс и натамошното унапредување и модернизирање на финансискиот систем. Во тој контекст, беше истакнато дека Народната банка и натаму спроведува соодветна макроекономска политика, насочена кон одржување на стабилноста на цените и девизниот курс, како основа за стабилно и предвидливо економско окружување.
На средбата беше посочено дека финансискиот систем и натаму е отпорен и може да се справи со потенцијалните ризици и предизвици од домашното и меѓународното окружување. Притоа, Народната банка продолжува со следењето на ризиците и со преземањето соодветни мерки за одржување на стабилноста и довербата во банкарскиот и финансискиот систем.
Во разговорот беше нагласена важноста на продолжувањето на редовниот дијалог и размената на мислења за актуелните економски прашања, имајќи ги предвид неизвесностите во светското економско окружување и потребата од навремени и соодветни политики за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, се вели во соопштението на Народна банка.