Гувернерот Славески ќе оди во Банката на Англија да провери дали е таму монетарното злато на Македонија


Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески денеска се пошегува и изјави дека на есен ќе оди во Банката на Англија да провери дали е таму монетарото злато кое е дел од девизните резерви на нашата земја и кое што е доверено на чување во оваа реномирана финансиска институција. Тој ова го рече при посетата во Стопанската комора на Северна Македонија на средба со стопанственици одговарајќи на прашања на претседателот на Комората, Бранко Азески, алудирајќи на изјава на американскиот претседател Доналд Трамп. 

„Јас не можам да разберам зошто во еден момент е прекината практиката ние како држава, како Народна банка, да не го зголемуваме износот на монетарното злато, затоа што во минатото од домашните рудници се откупуваше златото и се ставаше во златните резерви“, рече Славески, оценувајќи дека овој дел од резервите не е на задоволително ниво, како и дека златото во последната година двојно ја зголеми цената.

Тој додаде дека секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, геополитички проблеми и сл, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото.

„Златото го чуваме во Банката на Ангија и планирам со мој тим некаде наесен да одиме да провериме дали е таму“, рече во шега Славески, посочувајќи дека во една прилика претседателот Трамп изјави дека ќе оди во Форт Нокс да види дали е таму златото на САД, кое што го чуваат таму.

Банката на Англија е централната банка на Обединетото Кралство и моделот на кој се базираат повеќето модерни централни банки.

Инаку, претседателот Трамп во февруари годинава изјави дека неговата администрација има намера да се осигури дека значителната количина на американски златни резерви што се чуваат во Форт Нокс е евидентирана и точна.

„Се надеваме дека сè е во ред со Форт Нокс, но ќе одиме во Форт Нокс – омилениот Форт Нокс – за да се осигураме дека златото е таму“, им рече Трамп на новинарите на „Ер Форс Уан“ на почетокот на годинава.

„Ако златото го нема таму, ќе бидеме многу вознемирени“, додаде Трамп.

Форт Нокс е пункт на американската армија во Кентаки, познат по својата улога во складирањето злато и за воената обука. Станува збор за високо безбеден објект каде што се складираат голем дел од златните резерви на САД.

Инаку, Славески денеска изјави дека македонските девизните резерви се во сигурни раце. Моментно изнесуваат 4,6 – 4,7 милијарди евра што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5 месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 – 3,5, рече Славески.

Банката на Англија (Фото: Википедија)

„Можеме да бидеме сигурни дека девизните резерви се во сигурни раце. Тие не биле никогаш проблем. Има посебни дирекции во НБ кои раководат со нив и за тоа поднесуваат извештај до Собранието. Имаме обучени лица кои континуирано ги следат девизните резерви и движењата на пазарите, на дневна основа. Дел од девизните резерви се во злато кое го чуваме во Банката во Англија. Планирам со мој тим наесен да провериме дали е таму. Надлежни лица од НБ биле во инспекција и тоа е редовна процедура. Остатокот се вложува во сигурни хартии од вредност и во банки кои се меѓу најсигурните во светот. Редовно имаме позитивни приходи од чувањето на девизните резерви и од раководењето со нив, истакна Славески, потсетувајќи дека висината на девизните резерви е клучен фактор за одржување на фиксниот девизисен курс кога има нестабилност на светските пазари.

Во текот на јавната дискусија, Азески укажа дека за бизнисот се уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, транспарентноста,…

„Сите се колнеме во транспарентност, а транспрентноста никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви…, рече Азески.