Гувернерката на ФЕД, Лиса Кук, поднесе тужба против Трамп

Гувернерката на американските Федерални резерви (ФЕД), Лиса Кук, денеска поднесе тужба до федералниот суд во Вашингтон против претседателот на САД Доналд Трамп, поради неговата најава дека ќе ја смени од функцијата поради наводна хипотекарна измама.
Во тужбата, Кук тврди дека обидот на Трамп да ја смени е незаконски, наведувајќи дека таа ќе остане активен член на Федералните резерви, пренесува Си-Ен-Ен.
Во тужбата, Кук бара од судот да прогласи дека според федералниот закон „непоткрепеното обвинение за хипотекарна измама не е причина за смена“.
Во тужбата, која е напишана на 24 страници, се тврди дека Трамп ги користи обвинувањата за измама во обид да го заобиколи важечкиот федерален закон кој требаше да ја заштити од такво мешање на претседателот.
„Од околностите што ја придружуваа наводната смена на гувернерката Кук од Управниот одбор на ФЕД, јасно е дека обвинувањата за хипотеки против неа се изговор, за да се постигне нејзина брза смена и да се ослободи место за претседателот Трамп, за да го пополни и да ја протурка својата агенда и да ја поткопа независноста на Федералните резерви“, пишува во тужбата.
Како што наведува Си-Ен-Ен, предметот сè уште не е доделен на судија во Вашингтон, а судот има овластување да одлучи дали Кук може да продолжи да ја врши својата функција сега или мора да се повлече додека не заврши судскиот процес.
ФЕД во вторникот соопшти дека ќе се придржува до судската одлука.
Инаку, претседателот на САД има овластување да отпушти кој било гувернер на ФЕД од оправдана причина.
Претходно оваа недела, нејзиниот адвокат рече дека напорите на претседателот на САД се засновани исклучиво на упатно писмо, како и дека немаат никаква фактичка или правна основа.
Трамп на почетокот на неделата соопшти дека ја сменил Лиза Кук, гувернерка на Федералните резерви (ФЕД), од таа функција, обвинувајќи ја дека извршила хипотекарна измама.
Во писмото што Трамп во понеделник ѝ го испрати на Кук, се наведува дека постојат „доволно докази“ дека Кук дала лажни изјави во хипотекарните договори, а Федералната агенција за финансирање домување поднела барање до Министерството за правда за смена на гувернерката.
„Во најмала рака, спорното однесување покажува вид на небрежност во финансиските трансакции што ја доведува во прашање Вашата компетентност и доверливост како финансиски регулатор“, се наведува во писмото.
Трамп додаде дека смената на Кук, првата Афроамериканка на таа функција, е неопходна за да се спроведе законот.