„Гугл“ попушта пред притисокот од Брисел. Ги менува правилата од 30 август


GOOGLE ќе ги промени своите правила за спам во Европската Унија од 30 август за да одговори на загриженоста од европските регулатори што би можеле да резултираат со казни за кршење на правилата за конкуренција, соопшти компанијата.

Промената се однесува на политиката на Google, која има за цел да спречи објавување содржина од трети страни на веб-страниците за да се искористат сигналите што им овозможуваат на тие страници да се рангираат подобро во резултатите од пребарувањето. Праксата е позната како паразитско SEO.

Комисијата утврди дека политиката ја намалила видливоста на медиумите
Европската комисија утврди дека политиката ја намалила видливоста на веб-страниците и содржината од медиумите и другите издавачи во резултатите од пребарувањето на Google кога тие содржеле материјал од комерцијални партнери.
Google соопшти дека од 30 август, мерките што го намалуваат рангирањето на веб-страниците нема да важат за корисниците во 27-те земји-членки на ЕУ плус Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Политиката надвор од Европската економска зона нема да се промени, додаде компанијата.

Гугл се соочува со казна до 10 проценти од глобалните приходи
Загриженоста за политиката ја поттикна Европската комисија, која ја надгледува конкуренцијата во ЕУ, да започне истрага според Законот за дигитални пазари (DMA), кој има за цел да ја ограничи моќта на големите технолошки компании. Прекршувањата на DMA може да резултираат со казни до 10 проценти од нивните глобални годишни приходи.