Гугл планира да инвестира 740 милиони долари во Австралија


САД– Американскиот софтверски гигант Гугл соопшти дека ќе инвестира милијарда австралиски долари (740 милиони долари) во Австралија во следните пет години, најавувајќи го проширувањето на капацитетот за обработка во облак (cloud computing) и соработка со научната заедница.

Парите ќе бидат искористени за изградба на центар за истражување, зголемување на капацитетот за обработка во облак и финансирање партнерства со локални организации, соопшти Гугл.

Инвестицијата во рамките на Иницијативата за дигитална иднина треба да отвори 6.000 работни места директно во Австралија, а ќе бидат поддржани вкупно 28.000 работни места.

– Австралија може да биде еден од лидерите во новиот светски бран на иновации и да ја искористи технологијата во обид да го подобри животот на граѓаните, да создаде работни места и да напредува, рече шефот на Гугл, Сундар Пичаи.

– Одлуката на Google ќе биде од голема корист за австралиските компании во закрепнувањето на економијата кое е пред нас, истакна австралискиот премиер Скот Морисон.

– Компанијата ќе инвестира во партнерства со локални организации, вклучително и Организацијата за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот (CSIRO), рече Морисон.