„Гугл“ ќе вложи најмалку 13 милијарди евра во ВИ во Финска
Компанијата „Алфабет“, во чија сопственост е „Гугл“, ќе вложи најмалку 13 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција (ВИ) во Финска во следните две години.
„Алфабет“ наведе дека тоа е најголемо поединечно вложување во Европа.
Финска е исклучително привлечна локација за дата-центри. Компаниите како „Мајкрософт“ и „Бајт денс“, сопственик на „Тик-ток“ во Финска, се обидуваат да ги намалат трошоците за енергија и да ги исполнат климатските цели. Студената клима овозможува поевтино ладење на системите, а земјата има и големи количини електрична енергија со ниска емисија на јаглерод.
Инвестирањето во Финска е дел од поголемата стратегија на „Алфабет“, која годинава ги зголеми глобалните вложувања во износ од 195 до 205 милијарди долари за да одговори на растечката побарувачка за компјутерска моќност.
Инвестицијата, што ќе се реализира во текот на 2027 и 2028 година, ќе вклучува изградба на дата-центри, подобрување на електричната мрежа и проекти за чиста енергија и системи за батерии. „Гугл“ соопшти дека овие ресурси ќе напојуваат услуги, како што се „Чеманај“, „Мапс“ и „Јутјуб“.
Новата дигитална инфраструктура ќе служи како основа за дигитална подготвеност, иновации и развој на вештачка интелигенција во Финска, но и во цела Европа, се наведува во соопштението на „Алфабет“.
„Гугл“ проценува дека проектот ќе придонесе приближно 3,6 милијарди долари во бруто-домашниот производ на Финска за време на изградбата, а откако системот ќе биде оперативен, ќе поддржува речиси 7.000 работни места годишно.