Гугл ќе вложи 37 милиони долари во развој на вештачка интелигенција во Африка


 Пребарувачот Гугл денеска претстави програма вредна 37 милиони долари за забрзување на развојот на вештачката интелигенција (ВИ) во Африка, со инвестиции кои се движат од локални истражувања до проекти за следење на земјоделските култури и приспособување на технологиите на африканските јазици.

– Африка е дом на некои од најважните и најинспиративни работи во областа на вештачката интелигенција денес, рече потпретседателот на Гугл, Џејмс Мањика, на претставувањето на заедничкиот центар за ВИ во Акра, главниот град на Гана.

Центарот ќе служи како центар за обука, соработка и експериментирање.

Меѓу претставените водечки иницијативи е и соработката за безбедност на храна во областа на ВИ, мрежа која ги обединува истражувачите и непрофитните организации за да развијат алатки кои подобруваат рано откривање на глад, отпорноста на културите и донесувањето одлуки за малите земјоделци.

Целта е да им се помогне на африканските прехранбени системи подобро да ги издржат климатските и економските шокови.

Компанијата исто така се подготвува да лансира платформа за финансирање за да ги поддржи стартапите водени од ВИ во секторите на земјоделството, здравството и образованието.

Преку својата филантропска гранка, групата ветува седум милиони долари за проширување на иницијативите за образование за вештачка интелигенција во Нигерија, Кенија, Јужна Африка и Гана.

Гугл најави финансирање од три милиони долари за колективот „Масахане“ кој развива алатки за вештачка интелигенција на повеќе од 40 африкански јазици.