Губат граѓаните, губи државата, само дружината околу Мицкоски се богати, вели Филипче


 

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска оцени дека премиерот Христијан Мицкоски сака да ја негира реалноста, да ја прикажува поинаку. „Вели дека не знае за изјавите на известувачот и европратеник Томас Вајц и дека извештајот е ‘комплетен антипод’ на она што навистина се случува.

На прес-конференцијата Филипче го нагласи она што го кажа Вајц во интервју за бугарската редакција на Еуроњуз – дека „во последната година не видовме никаков напредок во однос на евроинтеграцијата, ниту пак во делот на реформите“.

„Наместо да работи на реформи, оваа власт работи на креирање конфликти со соседите, анти-европска пропаганда и изолација на земјата. И додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши. Е тоа е нивниот лажен патриотизам. Наводно го бранат идентитетот, а приватно земаат бугарски, европски пасоши. Додека регионот оди напред кон ЕУ, ние тапкаме  во место“, рече Филипче и го постави прашењето – кој губи. За веднаш да даде одговор – македонските граѓани.

„Се изгубија фондовите за поддршка на земјоделството. ИПАРД го нема, Европа го блокираше затоа што ги фатија членовите на ВМРО-ДПМНЕ како крадат европски пари.

Значи Европа не носи само еден единствен отворен пазар, и подобро образование и подобро здравство, социјална состојба во државата, туку само Европа е единствениот начин со кој што нашето општество може да просперира.

А што прави премиерот, се обидува со различни теми, создавање на меѓунационални конфликти, навреди за секој кој мисли поинаку и создавање поделба во општеството дека нешто може да направи. Ги навредува граѓаните и ги нарекува ‘медиокритети’, ‘талог на општеството’, ‘мочуриште’.

Еден добар пример е Унгарија која што кога се ослободи од власта која што беше рамна на диктатура, веднаш доби милијарди евра помош од ЕУ, пари кои што беа заробени.

Оваа влада не сака во ЕУ, затоа што сака партиска контролата врз институциите, затоа што сака партиски медиуми, затоа што сака партиско правосудство и затоа што сака државни ресурси кои што ќе бидат користени само партиски тендери“, рече Венко Филипче.