Групацијата за мали електрани ја брани нивната изградба
Групацијата на обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора денеска на онлајн прес-конференција се заложи за продолжување на изградбата на малите хидроелектрани, по незадоволството што се појави во повеќе општини во државава и протестите за многу еколошки организации. Според групацијата малите хидроелектрани се еден од најефикасните и најзначајни обновливи извори на енергија.
Според д-р Александар Дединец од истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, во стратегијата за енергетска транзиција во Македонија до 2040, наместо сегашните 17 отсто, обновливите извори треба да учествуваат со 43 проценти од вкупното производство, што ќе значи 55 проценти намалување на емисијата на стакленички гасови споредено со состојбата од 1990 година.
„Македонија не е многу богата со ресурси, затоа секој обновлив ресурс што ни е на располагање треба да се искористи, вклучувајќи ги водените потенцијали преку работата на малите хидроелектрани“, смета Дединец.
Според него, предностите на малите хидроцентрали биле производство на чиста енергија, како и дека не предизвикуваат аерозагадување, не генерираат гасови, водата ниту се троши, ниту се загадува, а емисијата на CO2 e нула.
Од Групацијата за обновливи извори објаснуваат дека малите хидроелектрани придонесуваат за децентрализација на енергетскиот систем и намалување на увозот на електрична енергија, истовремено создаваат работни места на локално ниво, но придонесуваат и за локалната економија воопшто, преку даноците и придонесите кон државата.
Според Самоил Целески од ЕМК „Мали хидроелектрани“, свесни се за предизвиците со кои се соочува локалното население во однос на изградбата.
„Факт е дека секоја човечка активност има влијание на природната околина. Меѓутоа, со почитување на добрите градежни практики за справување со таквите ефекти, воспоставување патеки за риби, заштитни градежни објекти, рекултивација, пошумување и секако неприкосновено почитување на регулативата, тоа влијание може да се сведе на минимум“, рече Целески. Тој тврди дека за 5 години природата самостојно се враќа во првобитната состојба, а градежниот опфат за една мала хидроелектрана не надминувал 3 хектари.
Во контекст на сушењето на реките, тој посочи дека малите електрани, не ја земаат водата, туку само ја користат нивната енергија.
Од Групацијата на обновливи извори на енергија потенцираа дека се залагаат за доследно почитување на законите и регулативите.