Груби: Сите неопходни реформи се исполнети, очекуваме ЕУ да ги исполни ветувањата
Во Собранието денеска се одржа средба на Комисијата за европски прашања со делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска, предводена од претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, истакна дека ова е многу важен период за Република Северна Македонија, период во кој очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската унија. Посочи дека Република Северна Македонија целосно ги има постигнато и исполнето препораките од Европската унија, што претставува јасен доказ дека ние нашиот дел сме го завршиле, соопшти собраниската прес-служба,.
Претседателот на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска, Домагој Милошевиќ, истакна дека ги цени напорите, напредокот и реформите кои државата ги направи за приближување кон ЕУ. Во однос на билатералната соработка, стои во соопштението, посочил дека негуваме одлични односи и повика на продлабочување на таа соработка и во други области како што се младинските политики и економијата.
Пред присутните се обратиле и пратениците Сашо Василевски од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, пратеничката Јагода Шахпаска од пратеничката група на СДСМ и пратеничката Магдалена Манаскова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кои го нагласиле националниот консензус за членството во ЕУ и НАТО.
Членовите на хрватската делегација истакнале дека ги ценат реформите и напредокот на Република Северна Македонија и посочиле дека Хрватска беше меѓу првите пет земји членки кои го ратификуваа Протоколот за наше членство во НАТО.