Гренел не поддржува насилни протести во Србија


Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, во врска со протестите во Србија истакна дека САД не ги поддржуваат оние кои го поткопуваат владеењето на правото или насилно ги заземаат владините згради.

„Секогаш е важно да го кренете гласот и тој глас да се слушне. „Но, секој мора да го осуди насилството и да се држи до мирните демонстрации“, напиша тој на интернет на „Х“.

Тој нагласи дека САД „не ги поддржуваат оние кои го поткопуваат владеењето на правото или кои насилно ги заземаат владините згради“.

„Ако не ви се допаѓа закон или лидер, работете на тоа да го промените – но не прибегнувајте кон насилство“, порачал Гренел и објавил видео од еден од многуте протести низ Србија.

Поранешниот американски амбасадор во Германија и специјален пратеник за мировните преговори меѓу Србија и Косово, од неодамна ја презеде новата должност. „Рик ќе работи на некои од најкритичните точки во светот, вклучувајќи ги Венецуела и Северна Кореја“, напиша Трамп на онлајн платформата Truth Social, чиј коосновач е тој. Тој додаде дека Гренел ќе се бори за „мир преку сила“.

Гренел беше во игра и за функцијата министер за надворешни работи, но Трамп во средината на ноември го номинираше сенаторот Марко Рубио за таа позиција. 58-годишниот Рубио е познат како лојален поддржувач на Трамп.