Грција сака да добие силно портфолио во Европската Комисија
Грција секако ќе се стреми кон силно портфолио, што ќе овозможи уште еднаш да биде забележливо нашето присуство на европско ниво, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на Унијата, без притоа да открие кои се ресорите што земјата ќе ги бара за позицијата грчки комесар, објаснувајќи дека распределбата е во надлежност на претседателот на Европската комисија, а во моментов главен приоритет е реизборот на Фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис изрази задоволство за постигнатиот договор на ниво на Европскиот совет за носителите на врвните функции во ЕУ, посочувајќи дека лично тој беше еден од двајцата преговарачи од Европската народна партија, а за усвоената стратешка агенда истакна дека „ги зема предвид сите важни грчки национални приоритети“.
Во однос на можностите за зајакнување на одбранбената соработка рече дека ги очекува и предлозите од Европската комисија, дека во моментов нема договор за заедничко финансирање на европските одбранбени трошоци, „но тоа е нешто што не може да се исклучи дека ќе се случи во иднина“.
-Ќе продолжам да инсистирам во оваа насока. Не можеме да тврдиме дека треба да ја зајакнеме одбранбената способност на Европа и да го игнорираме фактот дека тоа не може да се направи само од националните буџети. Сакам да потсетам дека и пред создавањето на Фондот за закрепнување имаше силни реакции од многу земји-членки, рече Мицотакис.
За избраниот европратеник од Нова демократија, Фреди Белери кој е во затвор во Албанија, грчкиот премиер објасни дека разговарале на состанокот на Европската народна партија, бидејќи била присутна и претседателката на Европскиот парламент и изрази увереност дека Белери „ќе биде во Стразбур за официјално да ги преземе своите должности како европратеник и очигледно исто така ќе учествува во исклучително клучното гласање за избор на следниот претседател на Европската комисија“.