Грчкиот министер Триандопулос ги отфрла обвинувањата за железничката несреќа и најави оставка
Актуелниот заменик-министер за цивилна заштита и климатски промени на Грција Христос Триандопулос, кој во периодот кога се случи железничката несреќа кај Темпи беше министер брз ресор, денеска најави дека ќе си поднесе оставка кога биде формирана парламентарната комисија за спроведување прелиминарна истрага, за што доцна синоќа опозициската ПАСОК достави предлог до Парламентот и бара да се истражи кривична одговорност на Триандопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Од ПАСОК сметаат дека постојат докази според кои од 3 март 2023 година, односно четири дена по несреќата, било интервенирано на просторот каде што се случи несреќата и станува збор за нелегални интервенции за кои треба да се истражи евентуална кривична одговорност на тогашниот министер без ресор.
Триандопулос денеска преку писмена изјава посочи дека секогаш бил воден од „чувството на одговорност и почитување на институциите, согласно неговиот личен и политички морал“, категорично ги демантираше информациите што се однесуваат на него, коментирајќи дека се „вон секоја реалност и логика“ и објасни дека неговото присуство со владина делегација, на местото на несреќата, како што рече „се користат од политички причини, како доказ за наводно, а реално непостоечко, „прикривање“.
– Со одлуката за формирање на Комисијата ќе поднесам оставка од функцијата заменик-министер за климатски кризи и цивилна заштита за да го олеснам процесот и работата на Владата, нагласи Триандопулос во писмената изјава.