Грчката амбасадорка протестираше, ја напушти инаугурацијата на Силјановска


Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи  инаугурацијата на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала во знак знак на протест поради тоа што  при давањето свечена заклетва таа не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија туку користеше Македонија.

Веста прв ја објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

За потегот на Филипиду потврдија и од Амбасадата на Грција во земјава. 

„По инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција, амбасадорката Софија Филипиду ја напушти салата“, велат од грчката амбасада.

Силјановска-Давкова во изборната програма и во предизборните настапи наведуваше дека при обраќањата и именувањето на државата, нема да ја користи придавката „северна“.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Алфа“ рече дека иако тој лично претходно не се согласувал со Преспанскиот договор, особено со деловите „македонска нација“ и „македонски јазик“, сепак го прифатил во рамки на континуитетот на државата. Затоа тој се надева дека и новото раководство на нашата земја ќе се држи до одредбите на овој меѓународен договор.