Граѓаните не се оштетени со неделното пресметување на цената на горивата од РКЕ, вели министерката Божиновска
Министерката за енергетика Сања Божиновска смета дека граѓаните не се оштетни со начинот на кој што Регулаторната комисија за енергетика ја пресметува цената на нафтените деривати, односно поради преминот кон неделно менување на цените на енергенсите. Таа е уверена дека и РКЕ, како и другите институции работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на компаниите да остваруваат екстра профити. Министерката исто така вели дека нафта и деривати во земјава има доволно и дека снабдувањето не е доведено во прашање. Инаку, компаниите што набавуваат деривати од ОКТА, до крајот на месецот со одлука на компанијата, ќе добиваат попуст од 2 денари за литар, но останува на големо трговците и мало трговците да одлучат дали оваа придобивка ќе ја пренесат и на крајните малопродажни цени.
„Цените на дериватите ги одредува Регулаторната комисија за енергетика и ние како министерство не се мешаме“, рече денеска на прес – конфереција Божиновска одговарајќи на прашање на новинарите дали со преминот од секојдневно на неделно одредување на цените на дериватите, граѓаните биле оштетени на сметка на компаниите од нафтениот бизнис.
Како што е познато, во понеделникот РКЕ ги одреди највисоките цени на дериватите, при што цената на дизелот скокна за 14,5 денари за литар или за 20 отсто.
„Тоа пресметување (можност РКЕ да интервенира во цената секојдневно, доколку треба да се зголеми или намали за најмалку два денари, заб.) е воведено од војната во Украина. Тоа е од 2022. Меѓутоа, пред тоа било на неделно ниво“, рече Божиновска додавајќи дека од почетокот на интервенцијата во Иран, на 28 минатиот месец, до сега сме имале само едно зголемување на цените на дериватите.
„Значи дека граѓаните, ако се видат сите цени, мислам дека не соштетени. Односно, за сега имаме само едно зголемување на цените“, рече Божиновска.
Како што посочи, РКЕ ги формира максималните цени, а компаниите можат да продаваат и под така одредените максимални цени.
„И покрај зголемувањето од 14,5 денари на дизелот, Македонија има најевтини горева во регионот, значи 1,39 евра е кај нас со зголемувањето, во Бугарија литар дизел е 1,41 евра, во Словенија 1,52, во Грција е 1,59, во Албанија е 1,89, а во Црна Гора е 1,45 евра…“, рече Божиновска.
Инаку, повод за прес конференцијата беше одлуката на ОКТА до крајот на март да ги намали за два денари по литар цените на дериватите што од неа ги набавуваат трговците на големо и на мало. Сепак, дали оваа одлука ќе се рефлектира и на крајната цена во малопродажба е одлука што треба да ја донесат самите компании.
„Се надевам дека сите компании се општествено одговорни и дека ќе бидат фер кон граѓаните, и нема да прават дополнителен профит во ова време“, рече Божиновска упатувајќи воедно и апел до сите компании тоа што ќе го добијат од ОКТА да го пренесат до крајните потрошувачи.
Божиновска додаде дека ако се видат профитите на сите овие фирми, може да се констатира дека тие се во плус и дека и минатата година како и претходно профитите биле големи.
„Се надевам дека ќе изглезат во пресрет на граѓаните и дека нема дема ценовни шокови, бидејќи ние сме тука долгорочно, не сакаме да имаме профитерство за овие недала, две, три. Се надевам дека ќе бидат општествено одговорни и дека сите ќе постапат одговорно“, рече Божиновска.
Таа исто така додаде дека доколку е потребно, владата ќе интервенира со соодветни мерки. Државата, како што е познато, може да го намали Данокот на додадена вредност и акцизата, а таквиот механизам е предвиден во постојната законска регулатива и во изминатите години беше применуван. Сепак, од Владата за сега сметаат дека не е време да се активираат тие механизми.

Инаку, како што истакна првиот човек на ОКТА, Димитрис Пасхос. компанијата како социјално одговорен снабдувач, ќе обезбеди попуст од 2,4 ден/килограм (еквивалентно 2 ден/л) на дизел и бензините за големо- и малопродажни трговци што набавуваат горива од ОКТА, мерка што ќе се применува до крајот на месецот. Целта е трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи. Пасхос, сепак, нагласи дека трговците самостојно ги утврдуваат продажните цени, но се апелира на општествена одговорност.
Првиот човек на ОКТА, меѓу другото ја нагласи и придобивката од функционирањето на продуктоводот ВАРДАКС, низ кој се транспортираат деривати од Солун до Скопје, што овозможува сигурно и стабилно снабдување, но и намалување на трошоците.
„Оваа логистичка стабилност е основа за воведување попусти и материјални придобивки за пазарот и потрошувачите“, рече Пасхос.