Граѓаните не ги интересира дали пропаднал тендерот – автобуси нема!


Фото: Б. грданоски

Јавниот градски сообраќај во Скопје не функционира како што треба, а популистичките и надежни изјави на градските власти дека ќе се подобри, немаат фактичка заднина. 

Како што потенцира советничката на Левица, Катерина Јовановска, на денешната седница на Советот на Град Скопје, на кој се расправа за Буџетот на градот, рече дека не гледа подобрување на хавниот градски транспорт.

– Народот не го интересира дали пропаднал тендерот, тие знаат дека нови автобуси во јавниот градски сообраќај нема! Дали Владата ветуваше нови автобуси во октомври? Кој месец сме сега – декември, а автобуси нема! Сега велите во март. А, а ко пропадне и тој тендер, ќе биде следниот октомври – рече Јовановска.

Тоа што пропаднал тендерот, што може да пропадне и следниот не им значи ништо на граѓаните. За дополнителните 50 автобуси на приватните превозници, самите тие велат дека само ги замениле постоечките во малку понови и поудобни, но не дополнителни, што и се забележува по улиците, затоа што деновиве граѓаните чекаат по повеќе од половина час, автобуси кои претходно редовно ги имало.

Потсети и дека беше ветуван бесплатен градски превоз, кој реално го немаме.

Претходно, советникот Ристо Пенов рече дека годишно треба да се набавуваат по 50 нови автобуси, а досега еднаш се набавија 200 автобуси и тие го носат на свој грб целиот транспорт на патници низ главниот град.  Тој не гледа ни поместување во реализација на БРТ системот, проект на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кој замре под власт на Данела Арсовска, а сегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски тврди дека ќе биде имплементиран. 

На седницата беше претставена и градската стратегија за  „Визија 0“, за безбеден сообраќај. Оваа стратегија е клучна рамка за намалување на сообраќајните незгоди, со цел да се подобрат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, преку повеќегодишни планови и програми 2026-2030, во согласност со меѓународните стандарди. Клучна цел на стратегијата е намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот, а визијата ќе биде НУЛА деца жртви во сообраќајот.