Градот убав пак ни смрди

Се прашувам, има ли смисла во овој текст да го покренам и прашањето за најавените компостари, каде требаше да заврши органското ѓубре и да се претвори во органско ѓубриво? Нешто што ќе донесеше и профит, не само трошок, а паралелно и народот ќе се научеше да селектира.


Летните горештини, температури близу 40 степени Целзиусови, повремените поројни дождови и вжештениот бетон, се одлична подлога за распаѓање на органскиот отпад. Распаѓањето на храната редовно е проследено со лоша и тешка смрдеа. Но, ако е далеку од нас, тогаш не ни пречи.

Скопје, летно време, токму така смрди. Некаде повеќе, некаде помалку, но главно, не може да поминете по некоја улица, а да не ве дочека неподнослива реа. Дали од индивидуалните канти за смет, дали од ширум отворените контејнери, смрдеата ќе ве потсети дека е лето во Скопје.

Речиси да нема контејнер во главниот град што е затворен со капак. Единствено последните набавени контејнери со голема зафатнина, што ги промовираше претходниот градоначалник Петре Шилегов, одолеваат на навиката и на граѓаните, а и на работниците од „Комунална хигиена“ да останат затворени, ако не се преполни или заглавени со некоја картонска кутија.

Сите други, иако имаат педала за отворање, која откако ќе ја тргнете ногата овозможува капакот сам да се затвори, стојат сред паркинзи или по тротоари, ширум отворени. Колку пати и да решите да ги затворите, секојпат потоа ќе ги најдете отворени. Мора да се признае, дека дел од граѓаните не ни знаат дека има педала со која може да го подотворите садот со собирање смет, да го исфрлите ѓубрето и тој сам да се затвори. Но, и оние кои знаат, ретко го применуваат методот. А и фактот што контејнерите се потполно отворени придонесува отпадот од дома само да го фрлите во отворот и да заминете понатаму. Дури и ако решите да го затворите, за да не ви смрди тука под прозорец, или покрај паркираниот автомобил, ќе забележите дека металните прачки што го држат капакот подотворен се извиткани, па контејнерот ја губи својата функција.

Пет, шест, па и повеќе вакви садови преполни со ѓубре, од едно место, секојдневно ја испуштаат неподносливата реа во градскиот воздух. А ги има на секои стотина метри. И не, не им смрдат контејнерите во Ново Лисиче на оние во Ѓорче Петров, и обратно. Ни смрдат нам, на сите ние кои живееме во околните згради. Но, бидејќи покрај нив се задржуваме неколку секунди, само го задржуваме здивот, ја вртиме главата и си заминуваме.

Од „Комунална хигиена“ препорачуваат граѓаните органскиот отпад (лушпи од компири, јаболка, лубеници, дињи и друго) да го пакуваат во добро затворени двојни ќеси, со цел да не дојде до истекување на течностите кои се создаваат со распаѓање на отпадот, кој потоа истекува околу контејнерите, а неретко тече и од камионите кои го собираат ѓубрето, па смрдеата се разнесува по асфалтот со метри подалеку.

Еве, и да послушаат граѓаните, зошто надлежните од градот и општините, како и оние од јавните претпријатија не ги сервисираат или редовно не ги менуваат дотраените контејнери? Зошто воопшто не ги ни мијат, а и кога го правеа тоа, исплашени од корона пандемијата, ги миеја на местото каде што стојат, па само ја разнесуваа нечистотијата на поголема површина, додека водата не се слее во атмосферската канализација.

Каде граѓаните да се обратат доколку забележат испокршен или нефункционален контејнер, а да бидат послушани?

Се прашувам, има ли смисла во овој текст да го покренам и прашањето за најавените компостари, каде што требаше да заврши органското ѓубре и да се претвори во органско ѓубриво? Нешто што ќе донесеше и профит, не само трошок, а паралелно и народот ќе се научеше да селектира.

Ама ете, „Комунална хигиена“ затвора новинари во своите простории, им одзема опрема и брка 30 вработени, кои и никогаш не се појавиле на работа.

Контејнерите?! Па, некој друг нека ги реши!