Градот Скопје ги ослободува заробените дрвја од градежен материјал


Градот Скопје досега ослободил 15 отсто од вкупниот број заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности, кои се во негова надлежност. Градоначалникот Петре Шилегов очекува годинава да бидат ослободени сите 184 дрвја и корени на дрвјата кои се во надлежност на градот, а до крајот на годината и останатите кои се во надлежност на други институции.

-Морандумот што го потпишавме во јануари се однесуваше на околу 500 дрвја во Градот од кои 184 непосредно на градските улици. Согласно препораките од Шумарскиот факултет за ослободување на дрвјата, акцијата ја започнавме во овој период, а не во зимскиот бидејќи тоа тогаш и не се прави, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање.

Градот, појасни Шилегов, од 184 дрвја и корени на дрвја досега има ослободено повеќе од 15 отсто.

-Очекувам до крајот на сезоната се што е во градска ингеренција и на градска улица да биде завршено за да може во наредната година да ги помогнеме другите институции кои имаат такви заробени дрва и заедно да го завршиме целиот процес, рече скопскиот градоначалник.

Тој додаде и дека инсистирам и кај општините, бидејќи, како што рече, во Градот Скопје тоа е веќе правило, да се внимава при изработка на какви било проекти, улици тротоари за овој феномен на несовесно однесување кон дрвјата, карактеристичен во изминатите десеттина години кога се заробени, да не ни се повтори

Меморандум за соработка помеѓу Градот Скопје и Шумарскиот Факултет беше потпишан во јануари, а со него се утврдија обврските на двете институции во мапирање и ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности.

Шумарскиот факултет освен мапирањето на локациите каде постои опасност од оштетување на дрвјата, ќе обезбеди и стручна помош во обуката на лицата задолжени од Град Скопје, кои непосредно ќе ги реализираат теренските активности за отстранување на градежниот материјал.

При потпишувањето беше кажано дека заробени дрвја има околу булеварите и поголемите сообраќајниците, оти пречесто се бетонира и се поплочува до самото стебло и на тој начин дрвјата се животно загрозени и се повредуваат, како и дека многу од нив ќе бидат исушени ако не бидат брзо ослободени.