Градоначалникот на општина Чешиново Облешево позитивен на корона вирусот


Градоначалникот на општина Чешиново Облешево Горанчо Крстев е позитивен на коронавирус.

Тој за Слободен печат вели дека бил да се шиша кај сега починатиот фризер од Кочани на 23 март.Откако дознал дека фризерот е позитивен на коронавирус, веднаш закажал два термини за тестирање, најнапред во приватната клиника Систина, а потоа во приватната клиника Филип Втори.

-Многу луѓе таму си одиме на шишање со години. Од каде да знам дека можело да биде позитивен? Бог да го прости човекот. И видете сега, тоа не е за криење, ние дури на 1 април разбравме дека е позитивен на тестот. Истиот ден на први април се ставив во изолација сосе цела фамилија. Не одев на работа, почнав да вртам на телефоните. Најбрзиот рок ми беше во Систина. И отидовме со жена ми и на двајцата резултатот ни беше негативен. Во исто време ѕвонев и во Филип Втори и тие ми закажаа.

Вчера беше терминот во Филип Втори, среќа отидов и на тоа тестирање. Сабајлево ни дојдоа резултатите кои беа позитивни. Температура немам, немам никакви симптоми. Во последните месец дена не сум контактирал со политичари. Дадов налог сите вработени од општината да одат во самоизолација. Немам отидено за Скопје повеќе од еден месец освен за тестирањето. Како што ги донесоа мерките, како што почна ова со коронавирусот, не сум бил во контакт со ниеден политичар. Ниту пак некој политичар ме посетувал во општината, ни рече Крстев.

Тој додава дека многу го вознемирило тоа што некои медиуми, ги вмешале неговите деца во случајот, што е недозволиво.

-Не се плашам. Ако не дај Боже нешто не ми е добро, ќе одам на лекар, има добар медицински кадар, ќе ме лекуваат ако дојде до тоа, додава градоначалникот.