Градоначалникот на Будимпешта сака да излезе на мегдан со Орбан во 2022
Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачоњ, најави дека ќе учествува на опозициските избори на кои ќе се утврди заедничкиот кандидат, кој ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан на парламентарните избори закажани за април 2022 година.
Карачоњ, либералот кој го победи кандидатот на Орбан во трката за градоначалник на Будимпешта во 2019 година, се смета за фаворит што ќе се одреди како опозициски кандидат. Опозицијата ќе ги има своите избори во два круга наесен.
„По долго размислување, ќе се пријавам за примарните избори на опозицијата како кандидат за премиер“, рече Гергеj Каражоњ (45) на видеото објавено на Фејсбук.
„Чувствувам дека Унгарија е во тешкотии, нашата земја е крајно поделена и сакам да придонесам за нејзино повторно обединување“, рече тој во пораката објавена од селото на неговото детство, на 270 километри од Будимпешта.
Примарните избори се организирани од алијанса на шест опозициски партии и ова ќе биде првпат во Унгарија да бидат утврдени кандидати за парламентарни избори. Три од тие шест партии веќе посочија дека ќе го поддржат Карачоњ.
Според анкетите, опозицискиот сојуз има мала предност пред партијата Фидес на Орбан.
Фидес трипати го освои мнозинството во парламентот од 2010 година, делумно благодарение на одлуката на опозициските партии да излезат на гласање одделно.
Минатата година, алијансата, која ги обединува обично спротивставените партии на левицата, десницата и либералите, објави дека ќе соработуваат со цел да имаат само еден кандидат против Фидес во 106 изборни единици.
Алијансата, исто така, се согласи да изготви заедничка владина програма, обвинувајќи го Орбан дека ја водел Унгарија кон авторитарно владеење и ја дистанцирал од главните демократски вредности на Европската унија.
Првото гласање за утврдување на заедничките кандидати на опозицијата ќе биде од 18 до 26 септември, а вториот круг од 4 до 10 октомври. (АФП)