Град во Холандија ќе забрани реклами за производи од месо


Властите на холандскиот град Харлем планираат да ги забранат повеќето реклами за месни производи поставени на јавни места од 2024 година поради влијанието на производството на таква храна врз климата.

Законот, кој веројатно е прв од ваков вид во светот, го подготви зелената партија GroenLinks, а против него се спротивставија месниот сектор и оние кои го сметаат за закана за правото на слобода на говор.

Според наодите на ОН, добитокот произведува повеќе од 14 отсто од сите стакленички гасови, вклучувајќи го и метанот.

„Месото е многу штетно за животната средина. Не можеме да им кажеме на луѓето за климатската криза и во исто време да ги охрабруваме да купуваат производи кои влијаат на тоа“, вели Зиги Клазс, советник од GroenLinks, а пренесува Би-би-си.

Властите на градот со 160.000 жители наведуваат дека се уште не е одлучено дали во забраната за рекламирање ќе биде вклучено и одржливото производство на месо. Месната индустрија многу брзо реагираше на оваа одлука.

„Властите им кажуваат на луѓето што е најдобро за нив, тоа не е добро“, рече портпаролот на Централната организација на секторот за месо.

Десничарската партија БВНЛ рече дека овој потег е „неприфатливо кршење на слободата на претприемништвото“ и ќе биде катастрофален за одгледувачите на свињи.

„Забранувањето реклами од политички причини е слично на диктатура“, рече Џои Радемејкер од BVNL.

Адвокатот Херман Броринг од Универзитетот во Гронинген рече дека таквиот закон може да ја загрози слободата на изразување и да доведе до тужби од трговците на големо. Околу 95 отсто од луѓето во Холандија јадат месо, но повеќе од половина не го консумираат секој ден.

Амстердам и Хаг веќе забранија рекламирање за воздухопловната индустрија и индустријата за фосилни горива.