„Гоу грин“ ќе достави правилник за велосипедска инфраструктура до Министерството за транспорт
Конференција за потребата од донесување на Правилник за велосипедска инфраструктура ќе се одржи утре спореди Градскиот парк во Скопје, со која треба да се придонесе за унифицирана велосипедска инфраструктура.
„Сведоци сме како изминатите години секој пат кога се изведуваат улици дека или недостасува велосипедска инфраструктура или истата се изведува без посебни стандарди.
Рабниците се високи и по нив не можат да се движат велосипеди, инвалидски или бебешки колички. Некаде патеките се пошироки, некаде од бехатонки, некаде од нерамен асфалт.
Ако сакаме да може секој да вози велосипед секаде потребно е да има еден унифициран пристап во проектирањето на велосипедската инфраструктура“, велат од „Гоу грин“.
Со таа цел „Гоу Грин“, во склоп на Националната вело-мрежа, спреми предлог Правилник за велосипедска инфраструктура кој бара од Министерството за транспорт да го прифати и донесе на национално ниво.
Ако се донесе овој правилник секоја наредна сообраќајна инфраструктура низ Македонија ќе мора да има велосипедско решение. Независно дали е булевар, маалска уличка, обичен паркинг или велопат кој поврзува градови.
Македонија е меѓу последните три земји на Балканот кои немаат ваков Правилник и оставено е на секој планер самостојно да смислува решение.
„Да не дозволиме секоја улица да е „приказна за себе“ и наместо тоа да покажеме дека се грижиме за одржливиот транспорт преку планирање на просторот и изведување на квалитетна велосипеска мрежа. Бараме од Министерството за транспорт што побрзо да донесе ваков правилник“, велат од таму.